1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Далај Лама наполни 80 години

Матијас фон Хајн/ Кристина Краљевска6 јули 2015

Далај Лама е почитуван во целиот свет. Добитник е на Нобелова награда за мир и е една од најпочитуваните личности на глобално ниво. Неговиот роденден се слави во многу делови од светот, но не и во Тибет.

https://p.dw.com/p/1FtSD
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Роденденот на Далај Лама се паѓа на 6 јули, но духовниот лидер на тибетанските будисти веќе реинканираше 14 пати, што значи дека датумот на неговиот вистински роденден можеби не е точен.

Во април, Далај Лама прослави заедно со неговиот пријател и истотака добитник на Нобелова награда за мир, Дезмонд Туту. На 21 јуни - неговиот роденден според тибетанскиот месечен календар - беше прославен во северниот индиски град Дарамсала, во седиштето на тибетанската влада во егзил. Една недела подоцна, Далај Лама се појави на фестивалот Гластонбери во Англија, каде што повеќе од 100000 луѓе му посакаа „среќен роденден“ пред да зборува за љубовта, простувањето и толеранцијата. Денеска (6 јули), духовниот водач ќе присуствува на глобалниот самит за сочувство во Ирвин, сојузната американска држава Калифорнија.

Der Dalai Lama und Patti Smith beim Glastonbury 2015
Фотографија: picture alliance/Photoshot

Без прослава во Тибет

Додека неговиот роденден се слави низ целиот свет, нема да има прослава во неговото родно место, Тибет. Во главниот град на оваа кинеска провинција , Ласа, дури и фотографии од Далај Лама се забранети. Но повеќето од Тибетанците можат скришно да запалат свеќа и да се помолат за нивниот лидер, кој истотака е наречен и „бегалецот на светот“ по пребегнувањето во Индија во 1959 година.

Кинеските власти долго време го демонизираа Далај Лама поради неговото барање за поголема автономија на Тибет и го нарекуваат „волкот во јагнешка кожа“. Секоја негова изјава е осудувана од страна на комунистичкиот режим во Пекинг. Ситуацијата се нема подобрено во последните децении.

Во интервју за БиБиСи во 2014, тибетанскиот духовен лидер изјави дека нема да има Далај Лама по него, оттука ќе биде подобро Кина да го реши тибетскиот конфликт додека има народен тибетскиот лидер, отколку да чека негов наследник.

USA National Prayer Breakfast in Washington (Demonstranten)
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Пекинг повикува на реинкарнација

Но иронично во целата ситуација е што токму „атеистичката“ влада во Пекинг сега повикува на повторно раѓање на Далај Лама. Во март, за време на последната седница на државниот парламент, Кинескиот народен конгрес, неколку политичари го нападнаа Далај Лама.

„Надлежноста да одлучува за реинкарнацијата на Далај Лама и за неговиот наследник е во рацете на кинескиот влада,“ изјави Жу Веикун, висок функционер на Комунистичката партија за весникот „Њујорк Тајмс.“

Прашањето за сукцесијата на Далај Лама не е само религиозно, туку и политичко. Станува збор за контролата врз Тибетанците. Вистина е дека Кина владее со Тибет откако нејзината војска изврши инвазија на земјата во 1951. Факт е дека и тибетанската влада во егзил не е признаена од ниту една држава во светот. Дури и по повеќе од половина век комунистичко владеење во Тибет, фактот дека мнозинство од Тибетанците го почитуваат Далај Лама и го чекаат неговото враќање останува непроменет.

Barack Obama trifft Dalai Lama
Фотографија: picture-alliance/dpa

Смртта на 80-годишниот Далај Лама е само прашање на време. Потоа кинеската Влада ќе се обиде со монасите подготвени на соработка да постави на тронот „прифатлив“ Далај Лама, преку кого Пекинг ќе може да го контролира тибетанскиот будизам исто како и Тибет. Речиси неверојатно е дека тибетанскиот народ ќе го признае новиот Далај Лама спротивно на волјата на нивниот сегашен лидер.

Засега Далај Лама се чини дека е во добра здравтствена состојба. Во горенаведеното интервју за БиБиСи, тој изјави дека очекува да живее уште најмалку „петнаесет до дваесет години.“ Веројатно е дека тој ќе биде во можност да прослави уште многу родендени пред повторно да се јави прашањето за неговата реинкарнација.