Г20: Самит на тензии
29 јуни 2019По долги и жилави преговори шефовите на држави или влади на земјите членки на Групата 20 постигнаа согласност околу завршната декларација на самитот во Осака. Разликите во ставовите околу трговските прашања, промените на климата и миграцијата на крајот некако беа испеглани. Особено важно, од аспект на Европејците, е повторувањето на заложбата од страна на Г20 за Парискиот договор за климата. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека заклучокот е ист како и претходната година, односно обврските за намалување на емисиите на јаглерод диоксид остануваат.
САД уште од пред две години не се дел од консензусот, поради тоа што американскиот претседател Доналд Трамп смета дека договорот за спречување на загревањето на Земјата е „нефер“. На прес-конференција во Осака, Трамп рече дека не сака да ги оптоварува американските претпријатија со превисоки еколошки стандарди. „Освен тоа, имам забелешки и на енергијата од ветер, која не функционира секогаш, исто како и соларната енергија“, рече Трамп.
Трговските конфликти доминираа на самитот
Околу спорната тема - светска трговија, исто така е пронајден компромис. Деловите од декларацијата кои не му се допаднаа на Трамп, беа исфрлени. Сега во текстот станува збор само за „фер“ трговија, под што секоја држава може да подразбира нешто друго.
Повеќе: Договор за разговор: Засега крај на трговската војна помеѓу САД и Кина
Г20 уште еднаш побара реформа на Светската трговска организација. Барање кое беше содржано уште во завршната декларација од самитот во 2018 во Буеонос Аирес, но кое до дднес не се спроведе сериозно. Спорно е кои правила во иднина треба да ги надгледува СТО. Трамп ја нарече СТО „многу лоша организација, од која профитира пред се’ Кина“.
Г20 покажа дека има тензии
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, оцени дека самитот на дваесетте најразвиени индустриски држави и земји со забрзан подем покажал нови димензии на политичките и економски тензии во светот.
„Тоа што воопшто има декларација од самитот во дипломатскиот свет на Г20 се смета за успех“, изјави неименуван ЕУ-дипломат близок до преговорите. Документите од самитот, со исклучок на делот за климата, се донесени едногласно. Меѓутоа, обврските се само политички, а не и правно обврзувачки.
Сепак, како што заклучува од своите истражувања Универзитетот Торонто, околу 80 проценти од намерите изразени во декларациите на Г20 се спроведуваат во дело.