Гулаг - секојдневието во рускиот логор
3 октомври 2013Робовска работа, неисхранетост, ќотек... Mузичарката од панк групата „Пуси Рајот“, Надежда Толокоњикова, која штрајкува со глад остро ги критикуваше животните услови во руските казнени колонии.
„Секојдневието во колониите е така осмислено за да се поттиснува човековата волја, се работи за застрашување и претворање на луѓето во неми робови од страна на други затвореници кои управуваат со бригадите и кои добиваат упатства од управата на затворот“, напиша таа во отвореното писмо објавено на 23 септември.
И други затвореници и претставници на организациите за заштита на човековите права веќе со години ги критикуваат нечовечките услови во работничките логори.
Мордовија - наследството на Сталин
Според руската федерална служба, во 2012. во казнените колонии се регистрирани повеќе од 585 илјади затвореници. На тоа треба да се додадат уште 260 илјади луѓе кои се наоѓаат во истражни затвори. Притоа важна улога игра автономната покраина Мордовија. Во неа се наоѓаат колонии кои се изградени уште во времето на Сталин. Во советско време таму биле затворани „непријателите на народот“.
Мордовија се наоѓа на околу 500 километри јужно од Москва. По должина на асфалтираната улица, која почнува од железничката станица Потма, се наоѓаат 18 работни логори. Од двете страни на улицата има големи набљудувачници. Тука се наоѓаат логорот за осудени на доживотен затвор, логори за странци, за жени, мажи, за поранешни полицајци, хронично болни...
Гулазите за жени под реден број 13 и 14 се наоѓаат еден спроти друг. Светлана Бахмина од лично искуство го познава животот во логорот број 14, во кој казната ја отслужува Толокоњикова. Таа таму минала 2,5 години. Поранешната адвокатка на концернот „Јукос“ на Михаел Ходорковски, како и нејзиниот шеф, била осудена за проневера и затајување данок.
„На почетокот бев шокирана“, се присетува Бахмина на доаѓањето во гулагот. „Околу сто жени беа сместени во една барака. Туширањето беше дозволено само еднаш неделно. Во бараката имаше само еден тоалет, но бидејќи не функционираше, нужда се вршеше надвор“.
Најлошо од сѐ сепак не било секојдневието, туку односот кон затворениците. „Кон нив се однесуваат како кон луѓе од втора класа. Работевме прекувремено. Беше како на лента. Постоеше план за производство кој мораше да се спроведе. Оној кој не успеваше, беше напаѓан од другите жени“, вели Бахмина.
Работа од утро до мрак
Дневниот распоред во логорот е строго регулиран. „Будење во 6 часот, гимнастика, појадок. Во 7 часот се почнуваше со работа“, го опишува Сара Муртазалијева секојдневието во логорот број 13. Оваа Чеченка, во 2005. година била осудена на 8,5 години затвор поради наводна подготовка на терористички напад. Организацијата за човекови права „Мемориал“ ја прогласи за политички затвореник чие обвинение било исконструирано од тајните служби.
„Таму шиевме сѐ што е можно. Од воени униформи и ракавици, до шатори. Денот го менувавме со ноќта“, вели Муртазалијева, која откако била ослободена од затвор заминала во Франција каде добила политички азил.
Новинарката и активистка за човекови права Соја Светова вели дека логорите во Мордовија се „свет за себе“, и од нив не можат да побегнат ни затворениците, ниту жителите. Затворската служба е главен работодавец во регионот, а цели семејства се вработени во логорите. Светова вели дека често добива повици од затвореници кои се жалат на ужасните услови и насилството во логорите. Сепак, таа забележува и некои подобрувања. Па така, во меѓувреме оние кои се за првпат осудени се одвојуваат од затворениците кои се подолго на издржување казна. Но, според неа, најважно е руската влада да почне да се интересира за состојбата во затворите.