Грчко еднострано полагање право на името Македонија
17 септември 2008Грчкото однесување е единствено во светот. Постојат три слични случаи, во кои името на држава истовремено е и име на еден регион во друга држава. На Белгија не и‘ пречи што името Луксембург го носат и мини државата и нејзината валонска провинција. Ниту Романците не гледаат проблем со името на државата Молдавија, исто како и на нивниот регион. Дури ни Иран не го поставува прашањето на името на државата Азербејџан, иако голем дел од историската област Азербејџан се наоѓа во Иран.
Но, за Грција името Македонија е проблем, таа полага право на историјата, потег што до денес не наидува на разбирање кај другите во светот.
Надворешна и внатрешна политика
Спорот со името не е маневар на грчките политичари за надворешна употреба, за одвлекување на вниманието од други проблеми. Тој е навистина најмал, но народот го смета за најзначаен, две третини од граѓаните во анкетите од 2007 година се против тоа соседот да има име, кое го содржи зборот Македонија. Владата е значи под притисок на народот. Ниту владеачката конзервативна Нова демократија, ниту опозициониот социјалдемократски Пасок, ниту левите партии не се подготвени на компромисно решение. Надворешната политика на Грција е истовремено и внатрешна. Грчкиот устав како една од најважните задачи на образовните институции го наведува развојот на националната свест кај учениците. Училиштата треба да бидат најуспешни токму во напорите на учениците да им ја пренесат големината на нивната нација, непроменета од времето на антиката. На националниот идентитет му се припишува многу големо значење. Ако некоја друга нација посегнува по симболите од историјата, кои Грците ги сметаат за свое наследство, тогаш тоа се сфаќа како напад врз националниот идентитет.
Грчките учебници ја толкуваат историјата по свое
Грчките учебници еднострано ја толкуваат историјата. Би било објективно да се претстави дека уште во времето на османското владеење, трите држави, Грција, Србија и Бугарија и нивните националистички организации, со сите сили, вклучувајќи училишта и употреба на насилство, се обидувале од национално се‘уште недефинираното население да направат Бугари, Срби и Грци. Таква била улогата на бугарската Внатрешно македонска револуционерна организација или на грчкото Национално општество. Но наместо тоа, се претставува дека Македонија била населена речиси исклучиво со Грци, кои биле беспомошно изложени на агресијата на бугарските националисти. Дури со акциите на грчките Македонски борци, престанало бугаризирањето. Притоа се нагласува дека оваа тема бугарската и македонската историја ја претставуваат од свој агол.
Оваа еднострана слика е потсилена од официјалната култура на спомениците, во Солун постои музеј на Македонските борци, нивни бисти има насекаде. Литературните дела го потенцираат истовремено националистичкиот дух на историскиот конфликт со Македонија. Тоа што во грчката граѓанска војна, од 1946 до 1949 година речиси половината од борците на комунистичка страна беа Славофони, ги засилува антисловенските емоции во таборот на грчките националисти, пишува весникот.
Големи демографски промени
Демографијата на грчка Македонија во време на балканските војни во основа се промени. Муслиманското население се пресели во Турција, голем дел од Словените го напуштија регионот по во 1919 година договорената размена на население меѓу Грција и Бугарија, повеќе десетици илајди избегаа по граѓанската војна. На нивно место по 1922 година беа населувани грчки бегалци од Мала Азија, кои наскоро беа ословувани како Македонци.
Новиот спор околу името од 1991 година ја засили и популаризираше официјалната грчка доктрина за Македонија. Државата, партијата, црквата, медиумите, сите формираа фаланга, која не трпи дисиденти. Оној кој имаше поинакво мислење за прашањето, беше жигуван.
Без нови учебници, нема напредок
И натаму се преговара за спорот со името, без да се знае како треба да се најде решение. Долгорочно, сегашните, крајно бесмислени конфронтации, можат да бидат избегнати само ако се промени националистичкиот менталитет во Грција и воопшто во Југоисточна Европа. За тоа во прва линија се потребни нови содржини во учебниците. Пред две години во Грција беше направен ваков обид со историјата во шесто одделение. Но, бидејќи тој учебник во големи делови се воздржуваше од националните митови, беше цел на жестоки напади, под кои владата на Караманлис капитулираше. По изборите во септември 2007 учебникот беше повлечен. А, се‘ додека владите не ги сменат анахроните содржини во учебниците, си штетат самите себе си, ограничувајќи си го значително политичкиот, а во случајов, надворешнополитичкиот простор за игра, заклучува „Ноје цирихер цајтунг“.