1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Причина за славје во Грција, но и за поглед наназад

Јанис Пападимитриу
27 март 2021

Модерната грчка држава полни 200 години. Голема причина за славје, но и за осврт кон минатото. И време да се постават нови цели.

https://p.dw.com/p/3rEOR
BdTD Griechenland Athen | Parade zu 200 Jahre Unabhängigkeit
Фотографија: Petros Giannakouris/AFP

„Дали се гордееш што си Грк?“, ме прашуваат повремено, особено кога моето новинарско известување за Грција е особено критичко. Одговорот не е едноставен. Во принцип сум горд на нештата што сум ги постигнал сам. На пример, на едно или друго новинарско дело. Или на тоа дека успеав да го завршам правниот факултет и покрај лошите оценки во првите семестри. Но, тоа што сум Грк е заслуга на други.

Треба ли да бидам горд на тоа?

Сепак, овој 25 март ме прави горд. Грција слави 200 години независност. Предуслов за тоа била воена победа над моќното Османлиско царство. Според преданијата, борбата за слобода почнала на 25 март 1821 година. Сепак, и покрај сета храброст на слабо опремените и често ривалски настроени грчки борци, без дипломатската и воена поддршка на Франција, Велика Британија и Русија победата немаше да биде возможна.

Jannis Papadimitriou für App PROVISORISCH
Јанис Пападимитриу

Збогум на национал-романтизмот

Ваквите сознанија долго време беа омразени во Грција. Многу попривлечен им беше митот за храбрите борци, кои се бореле сами под благослов на православната црква и ги протерале окупаторите. Следниот херојски чин требаше да биде Megali Idea или „Големата идеја“ – имено обидот да се врати старото Византиско царство. Или барем неговиот главен град Константинопол/Истанбул да се вгради во современата грчка држава.

Очигледно минатото буди посебна фасцинација – пред сѐ тогаш кога сегашноста нема којзнае што да понуди. Едвај ослободени, Грците веќе сонуваа за нова Византија. Кратко потоа Бугарија се бореше за Голема Бугарија, а во деведесеттите години на минатиот век на Балканот се пропагираше Голема Србија. Има Турци кои и денес сонуваат за воскреснување на Османлиското царство. Да бидеме искрени: Нема толку простор во Европа!

Освен тоа, многу е важно да се направи критички осврт на сопствената историја. Веројатно јас припаѓам на првата генерација грчки ученици кои во наставата релативно отворено зборуваа за грешките, фантазиите и масакрите во борбата против Турците. На пример, за битката кај Триполи во септември 1821 година. По долга опсада бунтовниците го освоиле најголемиот град на Пелопонез и ги убиле сите турски жители, вклучително и жени и деца. Долго време ова беше премолчувано во учебниците по историја. 

Висока цена

Елините мораа да платат висока цена за да се откажат од „Големата идеја“. Прво војната против Османлиите во 1897 година резултираше во воен пораз на Грција, кој исто така беше оптоварен со високи суми за репарации. Потоа следеше војната од 1919-1922 година, која од грчка гледна точка почна фуриозно, но заврши со голем пораз и протерување на целокупното грчко население од пристанишниот град Смирна (Измир).

Со договорот од Лозана од 1923 година историјата, се надеваме, ја испорача својата конечна пресуда – со многу жртви од сите страни. Поради размена на населението многу Грци и Турци мораше да ги напуштат домовите. Тоа беше крај за 3000-годишното присуство на Грците во Мала Азија. Но, поради ова Турците мораше да се откажат од своите амбиции во Егејот.

Вечна борба против феудализмот

Востанието од 1821 година за многу Грци претставува и социјална револуција. Меѓу другото се работеше и за тоа да се отстранат проблемите кои одеа под рака со „болниот човек на Босфорот“ и кои на крајот доведоа и до неговиот пад: авторитарни структури, самоволие против неистомислениците, феудализам, тесна поврзаност на државата со религијата. Речиси четиривековното османлиско владеење ја одвои Грција од бранот на просветителство во Западна Европа и го одложи - ако не го спречи целосно - подемот на средната класа.

Денес Грција се чини е посилно од кога било досега вкотвена во западниот свет. Но, борбата за модерна држава со самосвесни граѓани и силни институции се’ уште не е извојувана. Политиката и економијата се’ уште се парализирани од феудални структури. Големи семејства и полит-династии се’ уште го имаат главниот збор. Има уште многу работа.

Што се однесува до мене, јас на овој 25 март го веев грчкото знаме и малку фантазирав. Не за Истанбул како нов главен град. Туку за просветлена република која на своите граѓани ќе им понуди повеќе од она што го бара од нив. За една држава на која достигнувањата ѝ се поважни од потеклото. За една заедничка европска иднина, во која сите ќе учествуваме во носењето одлуки. Ако тоа не е „голема идеја" која сите ќе нѐ исполни со гордост, тогаш не знам која би била!