1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобра регионална соработка во бегалската криза

Синиша Богданиќ/сн5 ноември 2015

Хрватскиот министер за внатрешни работи Ранко Остојиќ за ДВ говори за соработката во регионот при згрижувањето на бегалците, за тоа што значи изјавата на канцеларката Меркел за влијанието на бегалската криза на Балканот

https://p.dw.com/p/1H0f5
Фотографија: picture-alliance/Pixsell/I. Galovic

Дојче веле: Зимскиот прифатен центар во Славонски брод е пуштен во употреба. Каква е ситуацијата на теренот во Хрватска?

Ранко Остојиќ: Со цел похумано да постапуваме со бегалците, сѐ е преместено во зимскиот транзитен центар кој има капацитет од 5000 лица. Новата локација е подобра за зимските услови и овозможува релативно брз транзит. Тоа се обврски договорени во Брисел на состаноците на лидерите на државите кои се наоѓаат на западно-балканската рута. Хрватска е една од првите држави која го исполни тоа: имаме привремено прибежиште во кое луѓето можат да се освежат и да продолжат натаму. Таканаречени Хот спотови ќе бидат направени само во Грција. Таму ќе има околу 50 илјади места, а сите останати земји би требало да имаат привремени прибежиште низ кои ќе проаѓаат бегалците. Никој не може да биде набљудувач,и ќе инсистираме на тоа. Според протоколот договорен со Србија, луѓето директно од Шид со возови ќе доаѓаат во Славонски брод, а тогаш врз основа на најавата ќе одат кон Добови во Словенија.

Што се случи со односите со Србија? По острата реторика на највисоки нивоа, одеднаш договор и идилични односи?

Не би рекол дека се идилични. На почетокот инсистиравме на тоа да не може да се говори дека никој нема ништо со бегалците. Баравме активност од страна на српската полиција , контрола на коридорот. Кога го постигнавме тоа, благодарение на блокадите и останатите акции, дојдовме до тоа единствен влез да биде Бапска. Ситуацијата посебно се поправи по договорениот протокол меѓу двете полиции, па влезот во Хрватска сега е контролиран. Не интересира само професионален однос. Таа почетна реакција произлезе од недоволно искрениот однос. Не може никој да ви говори дека во Србија нема бегалци или дека ги нема во Гевгелија, а таа ноќ во Товарник да има 7000 луѓе.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека затворањето на границите би можело да доведе до војна на Балканот. Дали регионот е навистина толку чувствителен?

Не сакам да коментирам изјави на политичари, ама самата мигрантска криза доведе до заострување на меѓудржавните односи: жици, војска на границата меѓу Унгарија и Хрватска, блокада кон Србија, српски одговор кон Хрватска, па словенечки одговор. Се разбира, сите гледаат краткорочно. Што ако рутата тргне кон Босна и Херцеговина. Тоа може да донесе дополнителна нестабилност. Ова е тресно подрачје . Има многу од оние на кои повеќе им одговара хаос. Не мора да дојде до војна, само се покажа дека и самата нестабилност е лоша. Тогаш тоа е неуспех на Европската унија.

Постојано се говори за можната нова рута преку БиХ, која поради конфигурацијата на теренот и на зимата, би можела да биде опасна. Колку е реално таа да биде отворена , ако ги тргнеме настрана симболичните влегувања на мигранти во Република Хрватска по тој пат?

Тоа е симболичен број на луѓе кои во реадмисија беа вратени кон БиХ, бидејќи доаѓаат од сигурни земји. Таа рута би била проблематична со оглед на капацитетите што ги има БиХ. Не се согласувам дека природните пречки ги запираат луѓето. Тие самите кажуваат дека имаат пари и оти ќе платат такси или друг превоз. БиХ има доволно сопствени проблеми. Пробајте да ја замислите БиХ со огради од жица меѓу кантоните. Да се вратиме на почеток. Грција нека започне да се однесува како прва земја од Шенгенскиот простор. Нека им се дадат доволно пари на Јордан, Либан и на Турција да држат хот спотови и нека профункционира акцискиот план , кој Меркел го направи со Турција. Кога на таков начин ќе се затвори приливот, ние нема да имаме проблеми. Да тргневме така од самиот почеток, ќе се знаеше кој каде смее да влезе. Грција е главен виновник за оваа ситуација.