Грција ги дискриминира Македонците и пред Бранденбуршката порта
4 септември 2014Грција го блокирала учеството на македонски играорци на прославата по повод Денот на Европа пред Бранденбуршката порта во Берлин, само затоа што некои од учесниците се идентификувале како Македонци, објави германскиот магазин „Фокус“.
„Пред Бранденбуршката порта се одржуваше фестивал во чест на Европската унија. Тоа дека на овој фестивал суптилно се дискриминираше цела една нација, не знаеше никој во публиката“, наведува тиражниот магазин во својата приказна од настанот кој се одржа пред неколку месеци.
„Прославата на 9 мај требаше да биде особен ден за балканската танцувачка група „Фо Па“ (Faux Pas). За првпат играорците од оваа група добија шанса да настапат на историскиот Паризер Плац. Берлинскиот Сенат, амбасадата на Европската комисија во Германија и здружението „Германско општество“ ги поканија на европскиот фестивал.
Но, нештата не одеа според планот: уште пред настапот на групата од страна на Сабине Шајдеман од здружението „Германско општество“ и беше побарана листа со имињата на играорците и со нивното потекло. Многу невообичаена процедура за еден играорски настап. Една недела пред фестивалот одеднаш беше сменет играорскиот репертоар. Барањето на организаторот гласеше: без македонски ора и без македонски учесници на бината.
„Со оглед на тоа што Грција во тој период беше претседавач со ЕУ, од почит кон неа требаше да се откажеме од сѐ што е македонско“, ги објаснува Евелине Краузе, раководителка на групата „Фо Па“, причините за одлуката.
„За мене тоа беше неочекувано. Поради таа одлука се почувствував директно нападнат“, го опишува своето разочарување Александар Абазли. Поради одлуката, групата мораше да се откаже од својот најдобар играорец. Александар е роден Македонец. Во Германија студирал медицина и работи како доктор во Берлин. „Јас сум германски државјанин, а дискриминиран сум поради моето потекло“, се прашува тој. На спорот за името меѓу Грција и Македонија, според него, не му било местото на бината пред Бранденбуршката порта. И за експертката за Балканот Евелине Краузе однесувањето на организаторите било несфатливо. „Вакво нешто не смее да се случува“, вели таа.
Сабине Шајдеман, која од името на здружението „Германско општество“ и на канцеларијата на Европската комисија, била одговорна за организацијата на настанот, не сакаше да одговори на прашањата на „Фокус“. И раководителката на одделот за односи со медиуми во канцеларијата на ЕК во Брисел, Терезе Дафи-Хојзлер, тврди дека не знаела ништо за настанот. Во директен разговор со Александар, таа го уверуваше дека „такво нешто веќе нема да се повтори“.
Според одговорните во играорната група „Фо Па“, македонско-грчкиот спор околу името не смеел да се најде на бината во Берлин. Сепак, групата се погрижила барем за мала сатисфакција: при настапот сите играорци на главите носеле цветови во црвено-жолта боја - македонските национални бои“, наведува магазинот „Фокус“.