1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција бара репарации од Германија

АТ/ дпа/ртр/миа7 март 2014

Престоjoт на германскиот претседател Јоахим Гаук во Атина е сѐ друго, но не едноставана посета. Имено, Грците сакаат пари, поточно обесштетување за нацистичките злосторства во Втората светска војна.

https://p.dw.com/p/1BLZb
Фотографија: DW/P. Kouparanis

На крајот од својата повеќедневна посета на Грција германскиот претседател Јоахим Гаук денеска (07.03) заедно со својот грчки колега Каролос Папуљас ќе им оддаде почит на жртвите од германското насилство во Грција за време на Втората светска војна. Во местото Лингиадес со Папуљас ќе потсетат на повеќе од 80 жртви во масакрот извршен од германски војници од 1943 година. Германскиот претседател, најави дека притоа има намера „да ја признае вината на Германија за жртвите од војната“, истакнувајќи дека овие зборови „немаат само кривична, туку и морална смисла“.

Посетата на германскиот претседател на Грција беше засенета од неочекуваните силни барања од домаќинот за репарации од страна на Германија за злосторствата од Втората светска војна. Претседателот Папуљас се заложи да се започнат преговори за оваа тема. Гаук возврати дека со сигурност по ова прашање нема да се произнесе поинаку од германската влада. Владата во Берлин постојано нагласува дека прашањето за воените репарации е уредено во рамки на меѓудржавните договори постигнати на конференцијата во Париз во ноември 1945 година.

Грција во септември 2012 година формира „работна група“ со цел да го пресмета износот на репарациите, кои може да ги побара од Берлин. Според информациите во грчкиот печат, во извештајот што беше направен фигурирала сумата од 162 милијарди евра.

Историчарите и правниците проценија дека е малку веројатно оти оваа инцијатива ќе доведе до некаков резултат, туку повеќе имала за цел да испрати политичка порака до левичарската опозиција во земјата, која ја поддржува идејата за барање репарации, како и кон Германија, која повеќето Грци ја сметаат за одговорна за тешкотиите на Грција.