Грујевски и Бошковски уапсени на солунскиот аеродром!?
19 октомври 2017Во Грција вчера биле упсени поранешните функционери во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, и двајцата обвинети од СЈО за предметот „Тврдина и таргет“, за незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од таа опрема. Крај на нивното тримесечно бегство ставила грчката полиција, која постапувала по меѓународната потерница што ја објави македонското МВР, откако во јули не ги пронајде во нивните домови за да ја спроведе наредбата на судот за мерка притвор за двајцата. Според неофицијални информации, двајцата наводно биле уапсени на аеродромот во Солун, од каде што планираале да отпатуваат со фалсификувани бугарски патни исправи.
Како што неофицијално дознава ДВ, македонската полиција повеќе од еден месец имала информации за местото на престој и движењето на двајцата бегалци. Наводно, пред два-три дена високи претставници на македонската и грчката полиција имале и заедничка средба на која биле разменети последните информации за овој случај, по што следело апсењето на Грујевски и Бошковски од страна на грчката полиција.
Како влегле во Грција?
Засега не може да се дојде до податок каде сакале да патуваат, ниту како го нашле своето привремено прибежиште кај јужниот сосед. За второто прашање постојат две неофицијални верзии. Според едната, тие илегално ја поминале и македонската и грчката граница. Според втората верзија, македонската ја поминале на граничен премин, но со претходно договорена логистика да не бидат евидентирани, односно да бидат пропуштени без контрола од надлежното лице во таа смена, а на грчкиот премин поминале со лажни пасоши. Наводно, откако МВР соопшти дека е утврдено оти Грујевски има и двоен идентитет, грчките гранични служби во евиденцијата нашле податоци дека лице со таков идентитет ја поминало нивната граница. Од МВР до утрово не соопштуваат никакви детали, со што ниту една од овие две верзии засега нема официјална потврда. Нема официјални податоци ни за локациите каде што престојувале двајцата бегалци. Според неофицијални извори, тие во почетокот биле сместени во викенд-куќа на македонски државјанин лоцирана на првиот крак на Халкидики, но подоцна се преселиле во стан во Солун. Дали и каде сакале да отпатуваат потоа, треба да открие МВР. По апсењето и двајцата биле префрлени во истражен затвор, каде ќе ја чекаат постапката за екстрадиција. Наводно и двајцата го смениле изгледот - пуштиле долги бради. Тоа за Грујевски и не е нова промена, бидејќи во еден период тој имаше таков изглед.
Добија време за бегство
На поранешниот началник на Петта Управа, Горан Грујевски, и на поранешниот вработен во УБК, Никола Бошковски, им беше одредена мерка притвор на 18 јули, која тие ја обжалија. Апелациониот суд Скопје ја потврди мерката, но во решенијата напиша дека таа „ќе стапи во сила по правосилност на решението“, со што нејзиното спроведување го одложи до завршувањето на жалбената постапка пред Врховниот суд. Тоа беше резултат од преседанот што го направи Врховниот суд, кога по Барање за заштитата на законитоста поднесено од ЈО за притворот за Сеад Кочан, „утврди кршење на законот од страна на Кривичниот совет и Апелациониот суд“, бидејќи ценеле дека жалбата не го одложува извршувањето на одлуката. Така, со одложување на спроведувањето на мерката притвор, обвинетитите добија една недела за да го организираат бегството. МВР тогаш во соопштение објасни со каква „динамика“ стигнале наредбите за спроведување на обвинетите во притвор, и какви активности биле преземени потоа.
„Вчера, 26 јули 2017 година, во 21 часот Апелацискиот суд во Скопје до МВР достави наредби за спроведување на Г. Г. и Н. Б. во Истражниот затвор Скопје. Иако телефонски Судот во 17 часот го извести МВР дека ќе бидат испратени наредбите, тоа се случи дури во 21 часот“, соопшти МВР.
Втор идентитет
Кога тимовите на полицијата извршиле проверка на адресите кои се пријавени како места на живеење на осомничените, но и на други локации во Скопје, Велес и Охрид, за кои имало оперативни сознанија дека ги користат за криење, двајцата не биле најдени на ниту една од нив, по што МВР распиша меѓународна потерница. Податоците во потерницата подоцна беа дополнети и со новоткриен податок - дека Горан Грујевски си креирал патна исправа со лажен идентитет под името Владимир Варелов. На тоа име име се води и еден од неговите станови во Скопје, а врз основа на таа адреса и тој лажен идентитет, Грујевски има и второ право на глас во Избирачкиот список. Идентитетот го „позајмил“ од колега вработен во полициската Единица за брзо распоредување. Како што дознаваме, при креирањето на лажниот идентитет Грујевски ги позајмил датумот и месецот на раѓање на вистинскиот Варелов, а себеси се подмладил за 11 години со податок дека е роден во 1977 година. Се очекува денес МВР да даде детали за апсењето на Груевски и Бошковски, како и за начинот на кој стигнале во Грција. И во изминатиот период имаше информации дека е можно двајцата да добиле помош при бегството од свои колеги. Министерот за внатрешни работи минатиот месец изјави дека се водат постапки кои ќе откријат кој го овозможил бегството на Грујевски и Бошковски.
„Очигледно е дека овде станува збор за еден сплет на околности, на поврзаности меѓу јавното обвинителство, меѓу судството и меѓу структурите на поранешната власт кои што дозволија бегање односно напуштање на државата на овие две лица. За тоа верувајте дека се водат соодветни постапки и ќе дојдеме и до други лица кои сигурно го озвозможиле тоа, а за кои треба да се покрене сериозна одговорност“, изјави министерот Оливер Спасовски, кога даваше отчет за првите 100 дена на ресорот со кој раководи.