1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Група А: Дуел на браќата Џака

Сара Вирц/З. Јордановски11 јуни 2016

ЕУРО 2016 стартуваше. Во вториот натпревар играат Швајцарија и Албанија. Во обата тима има играчи со двојни државјанства, кои би можеле да играат во кој и да е од нив. Средбата е посебно емоционална за браќата Џака.

https://p.dw.com/p/1J4Gw
Фотографија: Imago/EQ Images/R. Aeschbach

Гранит Џака најрадо би го избегнал дуелот. Тој во дрес на Швајцарија на ЕП ќе игра против својот брат Таулант, кој ќе настапи за Албанија. „Последна работа што би си посакале е да играме еден против друг“, вели Гранит, капитен на германскиот прволигаш Борусија од Менхенгладбах. А тоа ќе им се случи на 11. јуни, токму на првиот натпревар на двете репрезентации на првенството во Франција.

Гранит Џака
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Coffrini

„Најдобро е веќе во првите две минути обајцата ‘да летаме од теренот‘ и тогаш ќе биде поедноставно“, се шегува Гранит. Браќата се познати како палавковци, па им се случува и да бидат предвреме отстранети од теренот. Таулант укажува дека обајцата играат во средниот ред и вели дека нема да го „сотре“ брат му: „Јас играм остро, но не нефер“. Тие еднаш веќе играа еден против друг – во март 2012, во рамките на првенството на Швајцарија: Гранит тогаш во тимот на Базел, а Талант во Грасхоперс од Цирих. „Уште тогаш тоа беше едно чудно чувство, но сега е уште попосебно. Не е едноставно на ЕП да играш против сопствениот брат“, вели Гранит Џака.

Бегство од Косово

Татко им Рагип како студент одлежал три години затвор во Приштина, оти учествувал во протестите против владата во социјалистичка Југославија. Тој и мајка им побегнале во Швајцарија во 1990, спроти граѓанската војна што се навестувала на Косово. „Ние обајцата сме родени и израснавме во Базел. Косово за првпат го видовме на 12-годишна возраст“, вели Гранит.

Оттогаш семејството одморот редовно в зима и в лето го минувало кај роднините во Косово.

Многумина спортисти, многумина фудбалери имаат двојно државјанство како Гранит и Таулант Џака. Ако сакаат во нивниот спорт да претставуват некоја од земјите, еднаш мора да се определат за која од нив ќе играат. „Јас не сум единствениот Албанец кој игра во репрезентацијата на Швајцарија. Има уште шестмина и за сите натпреварот е нешто многу посебно“, вели Гранит, кој го носи дресот со број 10. Во квалификациите за Светското првенство во 2014 тој веќе има два пати играно против Албанија и обата пати Швајцарија беше победник. Еднаипол година постариот Таулант тогаш уште не настапуваше за Албанија.

Schweiz Fußballer Taulant Xhaka und Granit Xhaka in Basel
Гранит и Таулант ЏакаФотографија: picture alliance/KEYSTONE/G. Kefalas

„Болно е кога сонародниците ќе те исвиркаат“

„На брат ми не му е познато чувството како е да играш против една нација на која си ѝ многу благодарен. Мене ми е познато и, искрено речено, чувството е многу непријатно“, кажува Гранит. Тој вели дека било многу емоционално и оти многу луѓе не можеле да разберат зошто тој тогаш се решил да игра за Швајцарија. „Беше болно што моите сонародници ме исвиркаа, па дури и навредуваа“.

Зачудува дека браќата играат за различни земји, но според Гранит тоа било од практични причини: „Во мојот случај Албанија тогаш не беше заинтересирана за мене, за разлика од Швајцарија. Кај брат ми беше токму обратно и затоа вака се решивме“.

СП 2010: Жером против Кевин-Принс Боатенг

На светските фудбалски првенства веќе имаше братски дуели. Така, на пример, на СП во 2010, на средбата меѓу Германија и Гана, Жером Боатенг - настапи за Германија, а Кевин-Принс за Гана an. Но, на ЕП досега немало братски дуел.

Оваа премиера – дуелот на браќата Џака – е и симбол на политичките промени во Европа во изминатите 25 години. Притоа иронично е дека кон средината на мај, значи кратко време пред братскиот дуел, и европската (УЕФА), како и светската фудбалска асоцијација (ФИФА) го признаа и примија Косово како самостоен член. Со тоа сите Албанци од Косово можат да играат за репрезентацијата на својата земја, независно од тоа за која држава досега настапувале.

Гранит и понатаму ќе игра за Швајцарија

Гранит Џака во тој поглед веќе јасно се позиционира: „Горд сум што сум Швајцарец, гордост ми е да играм за Швајцарија, иако не кријам дека имам албанско потекло. Вака како што е, е многу добро“. Таулант Џака, напротив, решенето уште го става отворено: „Се‘ едно дали би се решил за Косово или би продолжил да играм за Албанија, и така и така ќе велат дека сум предавник. Но мометно за мене тоа воопшто не е тема. Јас сега прво се концентрирам на ЕП“.