1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски одбра национализам, наместо ЕУ - интеграција

Б.Георгиевски10 мај 2015

Македонија денес лавира меѓу мини-криминална држава и банана-република. Нејзините темели некогаш даваа надеж, пишува во редакцискиот коментар берлинскиот весник Тагесцајтунг.

https://p.dw.com/p/1FNEx
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во коментарот под наслов „Длабокиот пад на Македонија“ на авторот Ерих Ратфелдер, берлинскиот весник Тагесцајтунг втор ден по ред им дава одглас на случувањата во земјата и притоа директно ги лоцира причините за назадување на Македонија во последните години.

„Човекот во кого меѓународната заедница некогаш гледаше надеж, Никола Груевски во последните години се’ повеќе се разоткри како балкански моќник. Премиерот на малата мултиетничка држава Македонија си изгради моќен блок од членови на неговото семејство, блиски луѓе од доверба, профитери и политички подлизурковци. Без негова дозвола никој не може да добие работа во полицијата, во правосудниот систем, во државниот апарат, уште помалку во неговата партија.

Дури и откако опозицијата успеа врз основа на доставените прислушувани разговори да покаже дека мамел на избори и правел финансиски манипулации, земал поткуп, ги контролирал медиумите, ги прогонувал новинарите, тој нема потреба да извлече консеквенции. Протестите на безнадежните и побуната на опозицијата се гласни, но тие досега не можеа вистински да ја потресат структурата на моќта на Груевски.

ЕУ од 2001 година, од постигнувањето на Рамковниот договор кој и' стави крај на војната меѓу Македонците и Албанците, и’ даде шанса на Македонија. Земјата можеше уште одамна да се приближи поблиску до ЕУ, доколку Груевски не ги блокираше сите реформи. Тој не можеше да си дозволи да етаблира правна држава каква што бараше ЕУ. Порадо тој го провоцираше национализмот на словенските Македонци. Досега тоа го правеше со успех.

Тој не се воздржа дури ни од апсурдната функционализација на античкиот грчки крал од Македонија Александар Велики за потребите на македонскиот национализам. Со тоа ги провоцира разлутените Грци да сторат се’ за Македонија да ја држат далеку од ЕУ. Како и секогаш, цената за неодговорната политика на националистите и деспотите мора да ја плаќа населението. А Брисел? На тоа, навистина, гледа со одбивност, но не дејствува“, се наведува во коментарот на Тагесцајтунг.