Груевски на турнеја во Австрија и во Германија
21 ноември 2011Македонската владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска и утре престојува во Австрија каде што ќе бидат презентирани можностите за инвестирање во Македонија.
Во рамки на посетата премиерот Груевски денеска ќе се сретне со австрискиот канцелар Вернер Фајман, а ќе учествува и ќе се обрати на завршната заедничка сесија „Перспективите по 8. Виенски економски форум“. Тој ќе има средби и во Федерацијата на австриската индустрија.
Можностите за инвестирање пред австриската бизнис заедница ќе бидат претставени утре на Македонско-австрискиот бизнис форум. Премиерот утре ќе има средба и со претседателот на Стопанската комора на Австрија Кристоф Лајтл.
Во среда и во четврток е предвидено владината делегација да ги посети германските градови Минхен и Диселдорф, каде слично како и во Австрија пред локалната бизнис заедница ќе претстави можностите за инвестирање во Македонија.
Според најавата, на средбите ќе бидат претставени активностите што ги презема владата во Скопје за подобрување на бизнис климата, поволностите што ги нудат технолошко-индустриските зони, како и активностите за промоција на Македонија како добра дестинација за инвестирање.
Автор: СН/ БГ/ миа/ макфакс
Редактор: Александра Трајковска