1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големо славје во германските градови

БГ/дпа/бета14 јули 2014

Стотици илјади луѓе низ цела Германија до рано утрово ја славеа победата на нивната репрезентација на Светското фудбалско првенство во Бразил. Немири во Аргентина.

https://p.dw.com/p/1CcNS
Фотографија: David Ramos/Getty Images

Повеќе од 250 илјади луѓе го следеа финалниот меч на Светското првенство во фудбал на платото пред Бранденбуршката порта во Берлин, а потоа ја прославија и големата победа на германската репрезентација.

Навивачите сместени во „фан зоната“ бурно го прославија голот на Марио Геце во 113. минута, со кој Германија ја совлада Аргентина со 1:0.

Fußball WM 2014 Finale Argentinien Deutschland
Заедничко следење на мечот во ХамбургФотографија: DW/A. Drechsel

Од вревата по постигнатиот гол не можеше да се слушне ни коментаторот од големиот видео-бим поставен на платото. Кога капитенот Филип Лам го подигна трофејот, беше испукан голем огномет околу платото, каде навивачите почнаа да се собираат дури шест часа пред почетокот на мечот.

Ниту дождот и грмотевиците не ги спречија навивачите да ја слават титулата до рано утрово.

Титулата беше прославувана во речиси сите германски градови, и покрај силното невреме кое зафати делови од земјата.

Fußball WM 2014 Deutschland gegen Argentinien Buenos Aires
Нереди во Буенос АиресФотографија: Reuters

Околу 50 илјади луѓе го следеа мечот на стадионот на Сенкт Паули во Хамбург, додека навивачите на Унион во Берлин на својот стадион си донесоа кревети и фотелји за поудобно да го следат финалето.

На другиот крај на светот, во Буенос Аирес, дел од разочараните навивачи го истурија својот гнев поради поразот на аргентинската репрезентација врз полицијата и околните објекти во центарот на градот. Најмалку 15 полицајци се повредени во немирите, а уапсени се повеќе од 40 лица. Група навивачи, незадоволни од резултатот и под дејство на алкохол, започнале да кршат сѐ пред себе. Тие се судриле со полицијата, која морала да употреби солзавец и водени топови.