1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема рација против салафистите во Германија

Нина Нибергал
15 ноември 2016

Германските власти го зголемуваат притисокот врз салафистите. Изутринава е донесена забрана за здружението „Вистинска религија“, по што почна голема рација против негови членови во десет германски покраини.

https://p.dw.com/p/2SiER
Deutschland Razzia gegen Islamisten
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kastl

Германските власти го прогласија здружението „Вистинска религија“ за противуставно. Службата за заштита на уставот ги обвинува членовите и симпатизерите на здружението дека го величаат џихадот и терористичките напади. Освен тоа, здружението е обвинето и за регрутација на џихадисти.

Салафистот Абу Наџи, мисионерот од пешачката зона

„Исламот се прикажува како да претставува насилство, омраза, принуден брак, терор“ - вака почнува едно видео на здружението „Вистинска религија“. Иницијаторот се вика Ибрахим Абу Наџи, германски муислиман со палестинско потекло и еден од најпознатите салафисти во Германија. Неговата декларирана цел гласи: да се подобри сликата за муслиманите во светот.

„Вистински ислам“, прецизираше келнскиот проповедник пред три години во интервју за ДВ. Тој лично се опишува едноставно како муслиман. Салафист е поим кој се користи од страна на медиумите и политиката за да се создаде поделба меѓу муслиманите, вели тој, додавајќи дека поимот на владата ѝ го дошепнале „ционистички советници“.

Deutschland - Ibrahim Abou-Nagie verteilt Korane in Köln
Ибрахим Абу Наџи на почетокот на годинава доби условна казна затвор за прикривање дополнителни приходиФотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress/R. Harde

„Салафист, исламист - ние сме само муслимани“, објаснуваат и симпатичните момчиња и една жена во видеото на страницата на „Вистинска релгиија“. Додека зборуваат, во позадина се слуша ориентална мелодија. Почетокот на видеото делува како рекламен спот, кој сака нешто да продаде со тоа што транспортира посебно животно чувство. И навистина: само по неколку секунди следува сцена од пешачка зона на германски град, на која Абу Наџи стои зад тезга полна со Корани. Само што тој не ги продава, туку им ги подарува на муслиманите и тоа на - неверниците. За секој да може да сии создаде свое мислење за исламот, беше речено во 2012 година, кога почна акцијата со провокативен наслов „Лаги!“. Намерата е да се поделат 25 милиони примероци, објаснуваа тогаш иницијаторите. Или како што тоа го дефнириаше Абу Наџи: еден Коран за секое германско домаќинство.

Денес 52-годишниот Абу Наџи во Германија стигнал од Палестина, на 18-годишна возраст. Целта му била да студира електротехника. Наместо да ги заврши студиите, отвора продавница за самолепливи фолии. Пред 9 години Абу Наџи прогласи банкрот - мораше да доплати 70.000 евра данок, што го руинираше финансиски. Потоа својот живот го посвети исклучиво на мисионерство меѓу не-муслиманите. Освен тоа, тој предава и ислам во различни џамии, на Јутјуб дава совети за конвертити и постојано настапува заедно со салафистичкиот проповедник Пјер Фогел. Келнскиот биснисмен притоа проповеда исклучително репресивно толкување на Коранот. Според Службата за заштита на уставот, Абу Наџи е салафист, и тоа еден од највлијателните во Германија. Според актуелната дефиниција, тој припаѓа на многу конзервативната струја која го следи раниот ислам, од времето на пророкот Мухамед и не ги признава подоцнежните толкувања.

Бројот на салафисти се зголемува

Бројот на салафисти во 2011 година, според проценките на Сојузната служба за заштита на уставот, изнесуваше околу 3800, додека во 2015-та тој број е двојно поголем, со тенденција да се зголемува и натаму. Мал број од салафистите се залага за употреба на насилство, но преминот од политички кон џихадистички салафизам, значи салафизам подготвен на насилство, е флуктуирачки, се вели од службата.

Deutschland Salafisten in Frankfurt/Main
Бројот на салафисти во Германија е проценет на околу 8 илјадиФотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Абу Наџи на своите предавања и семинари ја зафаќа „целата палета од салафистичката идеологија“, констатираше Службата за заштита на уставот на покраината Северна Рајна Вестфалија во 2011 година. Тој не само што нуди упатства за верско делување, туку ги тематизира и застапува и мачеништвото и џихадот во смисла на употреба на насилство за „одбрана“ на исламската вера, стои во извештајот на службата.

Следуваше низа обвиненија. Обвиненијата гласеа: поттик на кривични дела, меѓу кои и убиство. Во јуни 2012 година тогашниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих отвори постапка за забрана на здружението „Вистинска религија“. Но, сите обиди да им се натовари нешто на Абу Наџи и неговата организација, останаа без успех. Неговите тиради против западниот стил на живот, против хомосексуалност и застапувањето на шеријатските закони се противречни на вредностите кои владеат во Германија, но не се кривично дело.

Сепак, на многумина делењето на Коранот им изгледа преамбициозно, реториката на застапниците на „Вистинска религија“ се чини прерадикална за да се дефинира како иницијатива која не е опасна. До таков заклучок доаѓа и Службата за заштита на уставот во 2015 година, која во својот годишен извештај пишува дека во кампањите учествуваат лица кои имаат намера да вршат „исламистичка радикализација и џихадистичка регрутација“. Натаму се вели: „Има сѐ повеќе информации за лица кои прво учествувале во делење на Коранот, а потоа заминале во војна во Сирија“. Дел од членовите на здружението во меѓувреме се уапсени.

Меѓутоа, Абу Наџи и натаму е на слобода. Судот во Келн на почетокот на годинава го осуди поради измама во сферата на социјалната помош. Абу Наџи, кој инаку е примател на социјална помош, не ги пријавил приходите од акцијата „Лаги!“ од околу 50 илјади евра. Тој беше осуден на условна казна во траење до 13 месеци. Но, и натаму му е дозволено да дели Корани во печашките зони на германските градови.