1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема победа на СПД во Хамбург

21 февруари 2011

Голем победник на вчерашните избори во Хамбург е Социјалдемократската партија, која може и сама да владее во градот-покраина. Со вчерашните избори во Хамбург беше отворено одмерувањето на силите во супер-годината 2011.

https://p.dw.com/p/10L08
Приврзениците на СПД организираа голема прослава во Хамбург

Социјалдемократите се способни да ги одушеват избирачите и да однесат победа на изборите - ова е заклучокот на најголемата опозициска партија на Германија по одмерувањето на силите во градот покраина Хамбург. Главниот кандидат на СПД, Олаф Шолц, им нанесе голем пораз на владејачките демохристијани на канцеларката Ангела Меркел. Тие во Хамбург загубија повеќе од 20 проценти од гласовите што ги добија на минатите избори, што претставува повеќе од половината. Затоа, пак, СПД освои 15 отсто гласови повеќе и сега може дури и самостојно да формира покраинска влада без коалициони партнери.

Големиот победник, Олаф Шолц, не сакаше да создава еуфорија. По објавувањето на изборните резултати тој порача:

Hamburg Bürgerschaftswahl
Олаф Шолц (СПД) ќе биде на чело на Хамбург во следните 4 годиниФотографија: picture alliance/dpa

„Голем број граѓанки и граѓани ни ја подарија довербата. Тоа го прифаќам со голема сериозност. А тоа значи дека ќе го правиме она, што го ветивме пред изборите. На оние, кои за прв пат го дале гласот за СПД, од ова место им ветувам дека нема да ги изневериме нивните очекувања!“

Ваквите изрични најави на победникот Олаф Шолц се однесуваат на фактот дека неговата Социјалдемократска партија мина 10 години во опозиција, но затоа претходно владееше во Хамбург цели 44 години.

Стратешки модел

Водечки политичари на СПД нагласија дека моделот на сопартиецот Олаф Шолц претставува стратешки модел и пример за социјалдемократите на наредните покраински избори. Нему му појде од рака да ги спои заложбите за засилен економски развој и за подобрување на социјалната положба, посочи градоначалникот на Берлин, Клаус Воверајт, кој исто ќе се соочи со покраински избори во септември. Слична е и изјавата на премиерката на покраинската влада за Северна Рајна Вестфалија, Ханелоре Крафт, која порача дека Олаф Шолц покажал стручност на економски план и во исто време стремеж кон социјална правда.

Angela Merkel Hamburg
Од партијата на Меркел велат дека поразот нема да има влијание врз другите региониФотографија: AP

ЦДУ не е разочаран

Заменик претседателката на владеачката Христијанско демократска Унија, Урсула фон дер Лајен, пак, се обиде да ја намали важноста на покраинските избори во Хамбург, нагласувајќи дека поразот што го доживеа нејзината партија се должи на локалните состојби.

Генералниот секретар на поразената Христијанско демократска Унија на канцеларката Ангела Меркел Херман Грехе се обиде да го окарактеризира поразот во Хамбург како регионален феномен, без реперкусии на состојбата во целата земја.

„ЦДУ доживеа тежок пораз во Хамбург и мораше да се соочи со многу болни загуби. Но, Хамбург никогаш не бил едноставна средина за ЦДУ и затоа сме горди што можевме да владееме таму цели 10 години и што успеавме во тој период да ја подобриме ситуацијата.“

Grünen-Parteitag 2010 Freiburg
Копретседателите на Зелените, Клаудија Рот и Чем ЕздемирФотографија: dapd

За разлика од ЦДУ, претседателката на опозициската Партија на Зелените, Клаудија Рот, има поинаква проценка на ситуацијата по изборите во Хамбург, каде нејзините сопартијци успеаја да го подобрат резултатот од минатите избори и сега имаат околу 11 проценти гласови:

„Успеавме да постигнеме значително подобар резултат и сега вистински ќе ни тргне. Сега сакаме да влеземе во парламентите и на преостанатите три покарини, во кои уште не сме застапени. Се бориме за засилено учество во власта преку изборите годинава и тоа како почеток на промената на власта на парламентарните избори во 2013 година.“

Автор: Хајнер Кизел/Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски