Голема израелска офанзива во Појасот Газа
8 јули 2014Во последните неколку недели имаше повеќе ракетни напади на Палестинците врз израелска територија поради тензиите по убиството на тројца млади Евреи, за што беше обвинет Хамас, како и убиството од одмазда на едно палестинско момче, кое го признаа еврејски екстремисти.
Израелската армија тврди дека во последните недели врз Израел се испукани речиси 300 ракети и минфрлачки гранати, а само во текот на вчерашниот (7.07) ден 80 проектили. Израел одговорил со десетици напади од воздух и вчера, како што тврди, убил осуммина палестински екстремисти.
Портпаролот на израелската армија Питер Лернер изјави дека „тие (Хамас) избраа правец на ескалација“ и „акцијата ќе продолжи се‘ додека сметаме дека е неопходна“. Според него, не се очекува „таа мисија да биде кратка“.
Меѓу 50-те места кои армијата ги гаѓала изутринава биле и четири куќи наводно полни со екстремисти, три нивни имоти, како и 18 сокриени лансери на ракети.
Властите на Газа велат дека во текот на нападите само се ранети деветмина палестински цивили.
Портпаролот на израелската армија изјави дека војската постепено ќе ги зајакнува нападите врз Хамас во Газа со ангажирање резервисти за потенцијална копнена инвазија. Хамас има 10.000 ракети од кои дел можат да стигнат до Тел Авив, изјави Лернер и укажа дека војската се подготвува за можноста Хамас да испали ракети длабоко на територијата на Израел.
Од делови на ракети погоден беше и еден германски прекуокеански брод. Дописникот на германската телевизија АРД јави дека бродот бил погоден во пристаништетот Ашдод. Нејасно е дали се работи за делови на палетсински ракети или израелски ракети за одбрана.