1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Герхард Ертл добитник на Нобелова награда за хемија

10 октомври 2007

Германија за два дена доби двајца добитници на нобеловата награда. Вчера големото признание за физика го доби Петер Гринберг. Денес на истата награда, но овој пат за хемија, се радува Герхард Ертл.

https://p.dw.com/p/Bon8
Герхард ЕртлФотографија: AP

“Нобеловата награда за хемија годинава ја добива Професор Герхард Ертл, од универзитетот Фриц Херберт и друштвото Макс Планк во Берлин“ изјави претпладнево во Стокхолм секретарот на шведската кралска академија за науки, Гунар Еквист.

Герхард Ертл веќе одамна беше кандидат за нобеловата награда, но подобро од тоа да ја добие токму денес, кога го прославува својот 71 роденден не можеше да се случи. Веднаш по објавувањето на добитникот на големото признание тој беше поврзан телефонски со присутните во салата на шведската кралска академија.

“ Многу ви благодарам. Ова е најдобриот роденденски подарок. Ме оставивте без зборови. Се разбира знаев дека сум кандидат, но само еден меѓу повеќето. Кога вчера беше соопштено дека германец ја добива наградата за физика си помислив дека нема да дојде ред јас да ја добијам за хемија“ изјави Герхард Ертл

Инаку Ертл, кој е пензионираниот професор на Институтот Фриц Еберт и друштвото Макс Планк, наградата ја доби за неговата студија за хемиска постапка врз цврсти површини. Таа е важна за хемиската индустрија и помага за разбирање на различните процеси како кородирање на железото или дејството на катализаторот во автомобилот. Герхард Ертл е 28 германец кој во историјата на нобеловата награда ја добива наградата за хемија.