1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците се резистентни на популизам во стил на Трамп

Чејс Џеферсон
26 јули 2017

Германците не се толку гневни како Американците, покажа истражувањето на популистичките ставови на избирачите на девет недели пред парламентарните избори.

https://p.dw.com/p/2h6z1
Deutschland Rosenmontagszug Mainz 2017
Фотографија: Getty Images/T. Lohnes

Незадоволството од политичкиот естаблишмент, кое во САД го донесе на власт Доналд Трамп, а Британците ги натера да гласаат за Брегзит, во Германија е присутно во значително поумерена форма и нема да биде одлучувачко на парламентарните избори во септември. Тоа е резултатот од студијата на фондацијата Бертелсман, која ги истражуваше популистичките ставови на избирачите за изборите наесен.

Според истражувачите, популизмот има три значајни аспекти: непријателство кон естаблишментот, верување дека „народот“ е во основа хомогена група и уверување дека политичкото раководење треба да биде директен одраз на јавната волја. Студијата покажа дека 29,2 проценти од потенцијалните избирачи се јасни популисти. Делумно популистички настроени се 33,9% од избирачите, а 36,9% воопшто не се популисти.

Иако тесно мнозинство од избирачите се фрустрирани од практичното спроведување на демократијата, дури и меѓу тврдите популисти има големо мнозинство „за“ демократијата како политички систем. „Популистички настроените луѓе во Германија се пред сѐ разочарани демократи, но не непријатели на демократијата“, рече Роберт Феркамп, еден од авторите на студијата, на претставувањето на резултатите од истражувањето во Берлин.

Истото важи за ЕУ, вели Феркамп. Германците имаат критичен став кон ЕУ во нејзината сегашна форма, но ја поддржуваат европската заедница како концепт. Германците се чини се помалку гневни од Американците или Британците. Феркамп тоа го нарекува „умерен популизам“.

Infografik Moderater Populismus in Deutschland ENG

Трамп во Германија би немал „ни ш од шанса“

„Доналд Трамп водеше чисто популистичка кампања, во која рече: секој глас за мене е глас против естаблишментот. Тој, во принцип, ја одзеде довербата во естаблишментот. Ние поставивме прашање: како би делувало вакво барање за ослабнување на политичкиот естаблишмент во Германија. Утврдивме дека политички кандидат кој на изборите би побарал одземање на моќта на естаблишментиот не само што би загубил значителна поддршка од луѓето кои не се популистички настроени, туку и од луѓето кои се популистички настроени“, нагласува Феркамп, додавајќи: „Со барање за одземање на моќта на елитите во Германија не се согласуваат дури ни популистички настроените избирачи, а кампања каква што водеше Доналд Трамп е типично популистичка антиестаблишмент кампања, која во Германија не би имала 'ни ш од шанса'.“

Причина за многу различните ставови на германските и американските избирачи се социоекономските фактори, вели Феркамп. Колку луѓето се посиромашни и понеобразовани, толку повеќе ставовите им се популистички. Поголемата економска еднаквост во Германија, за разлика од САД, води до тоа помалку граѓани со пониски примања да се чувствуваат комплетно оставени на цедило од системот и како последица на тоа да го ставаат тој систем под знак прашање.

Soziale Medien Facebook AfD
Алтернатива за Германија е насочена против бегалците и тоа е нејзината единствена темаФотографија: picture-alliance/dpa/F. May

АфД е исклучок

Студијата на Бертелсман се занимава и со темата - колку популистички се седумте партии кои најверојатно ќе го минат цензусот за влез во парламентот. И кај нив е забележлив умерен популизам. Најмалку популистички се партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и Зелените. Дури и Левицата со својата критика на сметка на естаблишментиот не е особено радикална. Единствен исклучок е деснорадикалната Алтернатива за Германија (АфД) со нејзината монотематска насоченост против бегалците. Иако стартуваше како евроскептично здружение, членовите на оваа партија, како што покажа студијата на Бертелсман, веќе не се заинтересирани за темата ЕУ. Тие се фиксирани само на темата бегалци. Мнозинството Германци веќе не сака толку многу бегалци во земјата како во 2015 година, но сепак, повеќето се и натаму за прием на ограничен број бегалци и отфрлаат масовни протерувања.

Студијата на Бертелсман генерално дава позитивна слика за етаблираните партии во Германија и дава основа за заклучок дека „популистичкиот миг“ помина. Но, студиите не се избори. Колку навистина е раширен популизмот во Германија и колку се навистина гневни популистите ќе се види дури откако ќе се пребројат гласовите на 24 септември.