Германците добро расположени пред полуфиналето
7 јули 2014За многумина дуелот Германија-Бразил беше всушност финале од соништата. „Дуелот на гигантите“ сепак ќе се игра веќе утре (8.07), односно една рунда претходно. Притоа, германскиот тим има извесна предност - на селекторот Јоахим Лев, освен повредениот Мустафи, на располагање му стојат сите останати 22-ца играчи. На Луиз Фелипе Сколари, за разлика од тоа, му недостигаат „носечки“ играчи. Супер ѕвездата и носителот на надеж за Бразилците, Нејмар, беше повреден на рбетниот столб на четвртфиналниот натпревар против Колумбија и најверојатно нема да може да игра со недели. Капитенот Тиаго Силва поради картони мора да паузира, а сега тренингот предвреме мораше да го напушти и Вилијан, човекот кој требаше да го замени Нејмар. Вилијан, како што се вели, го прекинал тренингот поради болки во грбот.
„И покрај ова, очекуваме Бразилците да се надраснат и тоа да го компензираат“, изјави котренерот на германскиот тим Ханзи Флик.
Во преден план - регенерација
По тешкиот натпревар против Франција во четвртфиналето, репрезентацијата на Германија прво се одмораше. Играчите на тренингот во саботата (5.07) возеа релаксирано велосипеди или трчаа полека околу игралиштето. Попладнето им беше слободно. И нивните семејства или девојки добија дозвола да ги посетат и да ја поминат ноќта заедно. Регенерација беше на дневен ред и во текот на вчерашниот ден. Тимот дури денеска лета за Бело Хоризонте, „за да има повеќе време за опоравување“, рече менаџерот на тимот, Оливер Бирхоф. Досега репрезентацијата секогаш полетуваше од својот камп два дена пред натпреварите.
Бастијан Швајнштајгер е позитивно напрегнат пред утрешниот натпревар и нагласува: „Натпреварот е голем предизвик, особено против домаќинот Бразил, во ваква земја која е луда по фудбал и која неверојатно многу се идентификува со својата репрезентација. Тоа го зголемува задоволството при играта. Се ужива и се впива“, вели Швајнштајгер, сепак додавајќи: „Но ќе беше поубаво против Бразил да игравме дури во финалето“.