Бундестагот за Авганистан
26 јануари 2012Конечниот договор е дека до крајот на 2014-та година од Авганистан треба да бидат целосно повлечени меѓународните трупи. Затоа и Бундесверот ја намалува горната граница на мандатот од досегашните 5350 на 4900 војници. Продолжениот мандат, кој денеска се најде во Бундестагот, важи до јануари 2013-та година. Целта на германската влада е во првиот чекор до јануари 2013-та година бројот германски војници во Авганистан да се намали на 4400, но тоа зависи и од безбедносната ситуација на теренот.
Ризична обука на авганистанските безбедносни сили
За германската мисија важат јасни приоритети поврзани со плановите на повлекување на меѓународните сили до 2014-та година. Во дотогаш преостанатото време Бундесвреот сака да ја форсира обуката на авганистанските сили за безбедности да им помогне колку што е можно да го ограничат полето на движење на талибанците. НАТО планира обука на 350 илјади авганистански војниции полицајци. Масивноста на проблемите притоа го прикажува неодамнешното убиство на четворица француски војници од страна на авганистански војник. Според извештај на „Њујорк тајмс“, во периодот меѓу мај 2007-ма и мај 2011-та од страна на авганистански војници биле убиени 58 припадници на меѓународните заштитини сили.
Но, воената обука на авганистанската армија е само една страна на проблемот, војниците треба да бидат и платени. Колку армијата е зависна од парите од Запад покажуваат отрезнувачките бројки-за обуката на војниците Авганистан само оваа година ќе добие осум милијарди евра. По 2014-та година трошоците за оваа цел се проценуваат на најмалку шест милијарди евра годишно. Ако САД и сојузниците го намалат финансирањето, како што е планирано, може да се случи околу сто илјади од безбедносните сили да останат без работа. Потребна е малку фантазија за човек да си претстави што ќе се случи ако сите тие преминат кај противникот, вели Јоханес Пфлуг, експерт за безбедност од Социјалдемократската партија на Германија.
Војската како економски фактор
И Тимо Кристијанс, референт во германската хуманитарна организација Германската помош за гладните во светот, смета дека по повлекувањето на трупите авганистанската економија ќе доживее економски шок. Повлекувањето, освен безбедноснополитичките импликации ќе значи и секнување на приходите од меѓународната заедница, што нема да остане без последици.
Германската помош за гладните во светот планира да го продолжи ангажманот во Авганистан и по планираното повлекување на Бундесверот, но е свесна дека по целосното повлекување на сите меѓународни трупи ќе настапи нов интензитет во конфликтите, што сигурно ќе се одрази и врз работата на хуманитарците и организациите за развојна помош.
Дипломатска помош од Германија
Со продолжувањето на мандатот на Бундесверот воената мисија влегува во 11-та година. Во меѓувреме ретко некој верува во воено решение. Во САД, но и во Германија, се полагаат надежи во преговорите со талибанците. Западните дипломати гледаат позитивен сигнал во отворањето Биро за врски на талибанците во Доха, главниот град на Емиратот Катар.
Катар на тој начин би требало да стане посредник во конфликтот меѓу Западот и талибанците. Но, уште поважна би била улогата на соседен Пакистан. Пфлуг се надева дека Кина би можела да изврши притисок врз својот сојузник. Пакистан ја бојкотираше Бонската конференција за Авганистан во знак на протест поради убиството на 24 пакистански војници во американски напад врз граничен пункт.
Тешки преговори со талибанците
Во преговорите со талибанците се работи и за уставни прашања, на пример правата на жените, непреченото право на школување за девојчињата за талибанците им е трн в око. Досега постигнатото во Авганистан меѓутоа може да биде доведено во прашање од страна на талибанците, смета Тимо Кристианс.
Спорно е и тоа со кого се‘ се преговара од талибанците, со оглед на тоа што дел од нив имаат окрвавени раце.
Во германски парламентарни кругови се вели, меѓутоа, дека би биле среќни ако преговорите во иднина воопшто продолжат. Есента 2013-та во Германија се гласа новиот Бундестаг. Во него може да постои поголем отпор за повторно продолжување на мандатот на Бундесверот, прогнозира Пфлуг.
Автор: Даниел Шешкевиц/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска