1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски печат: „Ден на срамот во Бундестагот“

Дојче веле
18 март 2022

Германските медиуми речиси едногласно го критикуваат ставот на владата во Берлин по вчерашното (17.03.) обраќање на претседателот на Украина Володимир Зеленски пред пратениците во Бундестагот.

https://p.dw.com/p/48gyM
Deutschland Bundestag | Rede Wolodymyr Selenskyj
Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Володимир Зеленски му одржа лекција на германскиот парламент и за тоа доби неколкуминутен аплауз. „Очигледно е дека Зеленски не изгуби надеж дека Берлин ќе испрати нешто во Украина што ќе има поголем ефект против тенковите отколку слогани за солидарност“, коментира Франкфуртер алгемајне цајтунг

Германскиот весник забележува дека украинскиот претседател во својата критика користел и историски аспекти, кои во Германија секогаш предизвикуваат внимание: Зеленски без разубавување, удри таму каде што во Германија се постигнува најголем ефект: кај прашањата чии обврски произлегуваат од злосторствата и грешките во минатото. Бундестагот никогаш не слушнал од гостин дека повторувањето на „Никогаш повеќе!“ во овој случај „не вреди ништо“.

По Зеленски - дебата за короната 

Повеќето германски медиуми најголем дел од својот простор го посветуваат на критикување на владејачката коалиција, која по емотивниот говор на украинскиот претседател во Бундестагот и покрај барањата на опозицијата во расправата да се вклучи ситуацијата во Украина, едноставно премина на планираната агенда, како да ништо не се случило.

За „Денот на срамот во Бундестагот“ таблоидот Билд пишува: „Ден претходно, САД покажаа што е правилно. По говорот на Зеленски пред Конгресот, претседателот Џо Бајден најави нов пакет помош за Украина во вредност од 730 милиони евра и повеќе оружје (...) Бундестагот едноставно премина на дневен ред и разговараше за обврската за вакцинација против ковид“, пишува Билд

Deutschland Bundestag | Rede Wolodymyr Selenskyj
Членови на германската влада за време на обраќањето на украинскиот претседател Фотографија: Annegret Hilse/REUTERS

„Бесчувствителен канцелар“ 

Берлинскиот весник Тагесшпигел остро го нападна канцеларот Олаф Шолц поради неговиот нечувствителен однос кон украинската криза, што, како што наведува весникот, го покажал и по говорот на Зеленски во Бундестагот. „Во меѓувреме, на граѓаните на Германија им е позната таа слика: Олаф Шолц без реакции, скриен зад црна заштитна маска. Но, овој четврток во Бундестагот, мимиката на тивкиот канцелар стана симбол за дното коешто го допре канцеларската кариера на Шолц: тој едноставно пропушти историски момент“, пишува берлинскиот весник, којшто критикува што владата на Шолц одбила да отвори расправа за помошта за Украина. 

Тагесшпигел укажува и на секојдневниот однос на канцеларот кон украинската криза: „Од неговиот прозорец во кабинетот, канцеларот гледа голем бел шатор поставен пред главната железничка станица. На само 400 метри, канцеларијата е одвоена од „Сала за добредојде“, како што берлинските власти го нарекоа шаторот. „Но, во трите недели од почетокот на војната, канцеларот не беше таму ниту еден пат да им изрази сочувство на дојденците“, заклучува Тагесшпигел.

Добро е што малку граѓани на Украина го виделе тоа 

Јавниот сервис АРД ја критикува и реакцијата на сојузната влада на говорот на украинскиот претседател и одбивањето да се смени дневниот ред на седницата: „Повеќе од веројатно е дека настаните во Бундестагот не биле следени од премногу граѓани во Украина“. Можеби е подобро така. Инаку е можно да реагираат со чудење, особено за делот од преносот по говорот на нивниот претседател кога Бундестагот се криеше во жбунот на дневниот ред, се заклучува во коментарот објавен во централниот дневен весник Тагесшау.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема