1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските војници го напуштаат Кундус

ЕМФ/дв6 октомври 2013

Германските војници денеска со свечена церемонија им го предаваат кампот во Кундус на авганистанските безбедносни сили. На збогувањето присуствуваат и министрите за одбрана и за надворешни работи, Де Мезие и Вестервеле.

https://p.dw.com/p/19uLa
Фотографија: Reuters

Кундус е поим за германскиот ангажман во Авганистан. Таму во напади и борби загинаа 18 германски војници, повеќе од каде било на друго место по завршувањето на Втората светска војна. Германските војници беа десет години стационирани во Кундус. Сега Бундесверот ја напушта опaсната база и со тоа официјално го завршува ангажманот во северен Авганистан. Во Кундус досега беа стационирани уште 900 од 4-те илјади германски војници во Авганистан.

На свеченoто предавање на надлежностите во Кундус присуствуваат и германскиот министер за одбрана Томас де Мезие, како и шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле. Ова е првпат двајцата министри заедно да се во посета на Авганистан.

Versorgungskonvoi Bundeswehr Feldlager Kundus Afghanistan
Бундесверот се повлекува од Кундус, одговорноста ја преземаат авганистанските силиФотографија: picture-alliance/dpa

„Кундус остави белег на Бундесверот како ретко кое друго место. Овде се градеше и се водеа борби, се плачеше, се убиваше и се гинеше, се даваше утеха“, изјави Де Мезие денеска изутрина (06.10.) нагласувајќи го големото симболичко значење на регионот за германските трупи. „Кундус секогаш ќе остане дел од заедничкото сеќавање“, додаде тој.

Кампот на Бундесверот во Кундус треба да биде комплетно расчистен до крајот на октомври. Де Мезие, обраќајќи им се на авганистанските безбедносни сили, рече: „Одговорноста што ви ја предаваме вам, нашите авганистански партнери, е голема“. Германија, според него, има голем респект кон цврстината и храброста на авганистанските војници и полицајци.

Авганистанците стравуваат од нови немири по повлекувањето

Безбедносната состојба во регионот Кундус во последно време е влошена. Повеќе познати политичари беа убиени од страна на радикално исламистичките талибанци, а се множат и нападите врз помалите пунктови на авганистанските безбендосни сили. Многу Авганистанци стравуваат од натамошно влошување на состојбата по повлекувањето на Бундесверот од Кундус.

Bundeswehr Auslandseinsatz Afghanistan
Мисијата во Кундус остави белегФотографија: picture alliance / JOKER

Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле, наспроти тоа, даде уверување дека Германија и по повлекувањето на војниците нема да го стави Авганистан на цедило. „Нашата работа за добра иднина на Авганистан не завршува овде“, изјави министерот, додавајќи: „Го продолжуваме нашиот цивилен ангажман за Авганистан“. Германија во наредните три години вети до 430 милиони евра годишно за обнова на Авганистан.

Затворањето на базата во Кундус е важен чекор на патот кон целосно повлекување на Бундесверот од Авганистан. Во иднина ќе има само мала резерва војници, околу 800, во базата во Масар и Шариф. Досега во борбите и нападите во оваа земја загинаа 35 германски војници, додека 19-мина загинаа во несреќи или при самоубиствени атентати.