1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот адут за Оскарот

Дојче Веле,(С.Н)2 февруари 2009

Филмот „Бадер-Мајнхоф комплекс“ на режисерот Ули Едел влезе во најтесниот избор за наградата Оскар за филм од неанглиско говорно подрачје. Овој историски трилер е посветен на мрачните времиња на тероризмот во Германија.

https://p.dw.com/p/GjuP
Плакатот за филмот „Бадер-Мајнхоф комплекс“Фотографија: picture-alliance / SCHROEWIG/Schoen

Германија долго ќе ги памети 70-те години од минатиот век пред се’ поради терористичките напади на Фракцијата на Црвената Армија (РАФ). Прочуениот германски продуцент Бернд Ајхингер се одлучи за филмски проект за историјата на терористичката група РАФ, во кој главните улоги ги играат најдобрите германски актери во моментов.

Емотивно патешествие

Филмот говори за развојот на РАФ од студентските немири во 1968 година преку првите помали инциденти и грабежи на банки па се’ до „крвавата германска есен“ во 1977 година. Во насловот на филмот се содржани имињата на двајцата основачи на РАФ и едни од најзлогасните германски терористи во 70-те години, Андреас Бадер и Улрике Мајнхоф.

Filmszene Baader Meinhof Komplex
Сцена од филмотФотографија: picture-alliance / dpa

„Имам впечаток дека овој филм води на возбудливо емотивно патување. А токму низ слични емотивни патешествија минувавме и ние во времето кога се случуваа овие настани“, вели новинарот и публицист Штефан Ауст по чија истоимена книга беше направено сценариото за „Бадер-Мајнхоф комплекс“.

Дејството во филмот започнува со случувањата на 2 јуни 1967 година во Берлин. За време на посетата на тогашниот персиски Шах Реза Пахлави во градот имаше жестоки нереди. Луѓето на почетокот мирно демонстрираа против режимот на Шахот, но ситуацијата ескалираше кога полицајците со гумени палки брутално ги нападнаа демонстрантите. Набргу потоа еден полицаец смртно го застрела студентот Бен Онезорг. Половина година подоцна, за време на конгресот посветен на војната во Виетнам, што се одржа на Берлинскиот технички универзитет, студентот Руди Дучке, пред илјадници колеги, држи огнен говор во кој се нафрла врз американскиот империјализам.

Автентичноста во преден план

Два месеци подоцна Андреас Бадер, Гудрун Енслин и уште неколку нивни другари подметнуваат запаливи бомби во стоковните куќи во Франкфурт во знак на протест против геноцидот во Виетнам.

Filmszene Baader Meinhof Komplex
Мартина Гедек во улогата на Улрике МајнхофФотографија: picture-alliance/ dpa

Режисерот Ули Едел си зема доволно време за да ги документира почетоците на германскиот тероризам од 70-те години. Нему особено му била важна автентичноста во прикажувањето на случувањата и во локациите на снимање. Речиси сите сцени се снимени на автентичните места на случување, како на пример, строго обезбедуваниот затвор Штамхајм кај Штудгарт. За определени сцени биле користени оригинални снимки и тонови.

„За мене беше настрашно снимањето во затворот Штамхајм, каде во 1975 година започна процесот против лидерите на РАФ, Мајнхоф, Бадер, Енслин и Жан-Карл Расте, зашто и денес таму меѓу 800 затвореници седат и луѓе обвинети за тероризам“, вели актерката Мартина Гедек која го толкува ликот на Улрике Мајнхоф.

Само политиката може да ги промени условите во кои настанува тероризмот

Најголем дел од критичарите упатија големи пофалби за Гедек и останататa врвна актерска екипа, но и за необичната филмска обработка на историјата кои овозможуваат увид во периодот на раните 70-ти години, без глорификација на злосторниците. Но има и критичари кои сметаат дека филмот премногу завлегува во детали и оти не е доволно јасен за оние, кои не биле сведоци на времето и кои не знаат многу за РАФ.

RAF Fahndungsbild
Оригинална потерница по лидерите на РАФФотографија: picture-alliance/ dpa

„Сметам дека еден ваков филм или книга за ваква тема може да им помогне на луѓето да имаат подобра претстава за историските настани. Но, не и повеќе од тоа“, вели публицистот Штефан Ауст.

Во секој случај во ушите на гледачите остануваат зборовите на некогашниот шеф на Сојузната служба за борба против криминалот, Хорст Херолд во една од сцените во филмот, кои се актуелни и денес.

„Долгорочно гледано нема никаква полза од тоа да ги претепаме овие луѓе или да им ги отсечеме главите, како што некои бараат, зашто не полицијата туку политичките структури ги менуваат условите во кои настанува тероризмот. Тоа во најмала рака е моето мислење“