1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Германска полиција. Пасошите молам!“

Лидет Абеде/ А. Трајковска3 октомври 2014

На 3. октомври 2013 починаа 366 бегалци пред брегот на Лампедуза. Политиката за бегалци на ЕУ не можеше да го намали страдањето - секојдневно надлежните пронаоѓаат Сиријци, Авганистанци и Африканци во јужна Германија.

https://p.dw.com/p/1DPMf
Фотографија: DW/L. Abebe

Во пет часот наутро почнува смената на двајцата полицајци Рони и Џако во Розенхајм. Тие не сакаат нивните презимиња да се појават во медиумите. Тие се „одговорни за сѐ што се случува во граничната област кон Австрија во должина од 30 километри“, вели Џако додека го пали службеното возило БМВ.

Сѐ уште е темница, меѓутоа на автопатот А8 кон Минхен сообраќајот е веќе густ. Со нивното цивилно возило во сребрена боја Рони и Џако и ова утро се во потрага по лица нелегално прошверцувани преку границата. Веќе во третото возило кое го контролираат службениците, патнички автобус со италијански регистарски таблици, тие пронајдоа двајца Нигеријци кои без легални документи ја минале германската граница. Еден од двајцата, кој се нарекува Кенеди, по почетното колебање ја кажува вистината: „Мислев дека е добра идеја да дојдам овде и да поднесам барање за азил“.

Кенеди раскажува дека преку Либија дошол во Италија, но по повеќе од три години таму не нашол работа. Тоа што беше уапсен од германската полиција не му пречи. Тој секако бил на пат кон Минхен за таму да поднесе барање за азил, раскажува опуштено.

Наредна станица: полициска инспекција

Двајцата мажи од Нигерија беа однесени во службата за инспекција на германската сојузна полиција во Розенхајм. Таму прво мораа да чекаат. Колеги на Рони и Џако во тој момент пристигнаа со седум бегалци од Сирија и еден шверцер. „Навистина стигнавме до границите“, раскажува Џако, „секој ден имаме околу 30 луѓе или повеќе кои недозволено влегуваат во Германија“.

Flüchtlinge in Rosenheim
Германската полиција зема отпечатоци на прсти со скенер и ги спoредува со базите на податоци во цела ЕвропаФотографија: DW/L. Abebe

Поголемиот дел од бегалците во моментов доаѓаат од Сирија, Еритреа, Сомалија, Авганистан и Нигерија. Само во Розенхајм германската полиција од почетокот на годинава регистрираше повеќе од 5.000 лица кои недозволено влегле во Германија. Во 2013 година за целата година беа 4.000 лица. Црните бројки, проценуваат полицајците се високи.

И Мохамед Идрис од Еритреа минал долг и опасен пат. Откако беше откриен од страна на германската полиција тој поднесе барање за азил и веќе неколку недели живее во едно сместувалиште за бегалци во Фрасдорф, предградие на Розенхајм. Патот, Идрис го водеше од неговата татковина на Рогот на Африка, преку Судан кон Либија. „Во Либија беше тешко“, раскажува Идрис. „Еден момент таму бев во затвор. Но, потоа ја напуштив Либија и со чамец преку морето отпатував за Италија“.

Патот преку Средоземното Море во преполнети чамци е најопасниот дел од патувањето. 17 годишниот Али Ахмет од Сомалија раскажува дека за тоа на криумчарите им платил 3.000 долари. Тој веќе три недели живее во Розенхајм, во едно сместувалиште за бегалци. „Има многу луѓе кои земаат пари за да му помогнат некому да дојде во Европа“. Ахмет всушност не сакаше да дојде во Германија, туку порадо да замине уште по на север во Норвешка. Но откако беше уапсен во Розенхајм, тука поднел барање за азил, раскажува младото момче.

На крстосницата на рутите на криумчарите

Karte Rosenheim Bayern Deutschland
Во Розенхајм се вкрстуваат две големи криумчарски рути

Сојузната полиција е надлежна само за регистрирање на бегалците. За нивната натамошна судбина одлучува Сојузната служба за миграција и бегалци. Кој веќе бил регистриран во друга ЕУ држава, по правило мора да се врати таму. Инаку бегалците од земјите каде се води граѓанска војна како Али Ахмед и Мохамед Идрис откако ќе бидат сослушани се пуштаат на слобода и можат да поднесат азил.

Во јужногерманскиот Розенхајм се вкрстуваат важни шверцерски рути. „Балканската рута“ води од Авганистан до тука, додека другата рута од Африка води преку Средоземното Море, Италија и Австрија. Кон ова се дополнуваат меѓународните железнички врски, раскажуваат полицајците.

Веќе е пладне. Рони и Џако го контролираат брзиот воз Еуросити 88, во кој се качуваат од другата страна на границата, во Австрија. Првиот бегалец го забележуваат уште на вратата во возот. Откако возот ја мина границата кон Германија, тие му се обратија: "We are German Police. Passport please!" Африканецот претпоставува што мислат и резигнирано климнува со главата. „Судан“ одговара тој тивко на прашањето од која земја потекнува. Службениците го претресуваат, за да видат дали со себе носи оружје или други опасни предмети. Но, освен едно ливче не наоѓаат ништо. Човекот нема ниту багаж и единствената облека што ја има ја носи на себе.

Ливчето единствениот официјален документ, кој го поседува Суданецот е австриска потврда. Тамошните колеги очигледно го котролирале истиот ден.

Flüchtlinge in Rosenheim
Полициската дирекција во РозенхајмФотографија: DW/L. Abebe

Од Куфштајн во Австрија до Розенхајм во Германија на брзиот воз му се потребни околу 20 миунти. На ова патување Рони и Џако приведоа двајца нелегални патници - и при пристигнувањето на станицата во Розенхајм уште еден. Двајцата полицајци пртпоставуваат, дека во возот има и други бегалаци и ги информираа колегите на главната железничка станица во Минхен - таму е наредната станица на возот.

Една патничка од Германија, која патувала од Италија и се симна во Розенхајм е потресена од судбините на бегалците, кои ги виде на своето патување. Железничката станица во Болцано во Јужен Тирол била преполна. „Такво нешто не сум доживеала до сега“. Насекаде видела очајни африкански бегалци, раскажува жената додека Рони и Џако ги водат уапсените кон полициската инспекција.