1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска поддршка за НАТО, но без илузии

26 октомври 2010

Германија и натаму ќе ја поддржува Македонија на патот кон НАТО. Но, полноправното членство е одлука за која треба консензус, порача министерот за одбрана Гутенберг, по средбата со македонскиот колега Коњановски.

https://p.dw.com/p/PoLB
Домаќин на министерот Зоран Коњановски во Берлин беше неговиот колега Карл Теодор цу ГутенбергФотографија: DW

Македонија е несомнено мала земја, која има најголемо воено учество во мисиите на НАТО во светот, дури четири проценти по жител. Но, и покрај сите завршени задачи за полноправното членство земјата ќе мора да почека. Барем дотогаш, додека не се изнајде компромис за спорот со името, кој Македонија го има со Грција. Оваа веќе позната формулација беше суштина и на денешната средба во Берлин на македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски со неговиот германски домаќин Карл Теодор цу Гутенберг.

Zoran Konjanovski Karl-Theodor zu Guttenberg Deutschland Mazedonien
И натаму АРМ и Бундесверот во Авганистан! Министрите Гутенберг и КоњановскиФотографија: DW

„Ние ја поддржуваме Македонија на нејзиниот пат кон НАТО. Мислиме дека се направени важни чекори во таа насока”, подвлече германскиот министер Гутенберг според кого Германија е заинтересирана да се изнајде компромисно решение и НАТО да добие уште една членка, која ги има завршено домашните задачи. Меѓутоа, не треба да се имаат илузии и се’ зависи од изнаоѓањето компромис за името. Полноправното членство би бил голем придонес за стабилноста на регинот, особено што Германија има тесна соработка со Македонија и заеднички учествува во мисијата во Авганситан.

Се чека консензус

Токму затоа германскиот министер беше запрашан до кога ќе може Македонија да биде настрана од полноправното членство: „Како што кажав ја гледам Македонија на добар пат. Меѓутоа, патот не може да го одреди само една единствена земја, туку за него треба да одлучи НАТО, кој го чинат повеќе членки. И токму големиот број земји е и силата на таа институција”, вели Гутенберг кој упати комплименти на адреса на неговиот македонски колега, дека е човек кој ги исполува ветувањата. Тој дополни дека Германија ги поддржува нејзините пријатели. „Но таа поддршка е поврзана со консензус, што мора да биде најден. Јас денеска ја слушнав готовноста од македонска страна за негово изнаоѓање. Сега останува само да се надеваме дека и другата страна ќе ја искаже таа подготвеност”.

Македонскиот министер Зоран Коњановски забележа дека Македонија ќе остане принципиелен партнер и ќе го продолжи учеството во мисиите на Алијансата. „Повеќе од 149 припадници на АРМ се обучуваат во Германија. Ние сме благодарни за оваа соработка. Македонија со сите реформи кои ги правеше и ги прави е спремна уште денес да биде полноправна членка во НАТО”, истакна македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема