Германска асистенција за македонските преговори со ЕУ
12 јануари 2015
Германија е т.н. лидер, а Хрватска и Полска се „асистенти“ во твининг проктот што ќе трае наредниве две години и преку кој во Македонија треба да се засилат организациските и институционалните капацитети за процесот на пристапување и преговарање со ЕУ. Станува збор за проект кој не е мегаломански и има буџет од околу 1,7 милиони евра, но кој практично треба да помогне јавната администрација во Македонија полесно да се адаптира за почетокот на пристапните преговори и без поголеми проблеми да го преземе европското законодавство.
Пренесување на искуството
„Македонската влада се подготвува за престојните пристапни преговори со ЕУ за да може технички да го преземе европското право и да го води отворањето на одделните поглавја кои се бараат со 'аки коминикето'. За оваа цел има една советодавна програма со комплицирано име во која германски експерти, германските практичари за европската политика, ќе патуваат во Македонија и во Секретаријатот за европски прашања ќе го поддржат оваој процес на доближувањето на Македонија до ЕУ“, вели за Дојче Веле првиот човек на проектот Волф-Дитер Плесинг, раководител на Одделот за основните прашања на ЕУ-политиката во Сојузното германско министерството за економија и енергетика.
Конкретно проектот го чинат две компоненти: поддршка на Секретаријатот за европски прашања за подобра внатрешна координација во однос на ЕУ интеграцијата и поставување на приоритетите и поддршка на различните министерства во исполнување на задачите кои ќе следуваат од извештаите за напредок во одделните поглавја.
Во проктот чиј лидер е Германија, се вклучени и експерти од Хрватска и Полска.
„Експерти од Хрватска се вклучени зашто тие имаат најсвежи искуства, зашто доаѓаат од идентичен културно -поилитички контекст како и Македонија и можат многу поедноставно кај македонските колеги да го пренесат практичниот ноу-хау, решавањето на проблемите на патот до ЕУ кои и тие ги минале. Целта е да се постигне базата за успешни пристапни преговори и основата во регулативата, која понатаму Македонија ќе мора самата да ја догради“, дополнува раководителот на проктот Плесинг.
Европската во македонската регулатива
Според него Германија не може да го реши најгорливиот проблем на Македонија, отворениот спор околу името на државата со Грција, но може да помогне да не се губи време и земјата да работи на вистинското подготвување за преземање на европската регулатива и адаптирање во националната.
„Секоја земја си има своја национално право во кое успешно или не толку успешно може да се пренесат одделени делови од европското законодавство. Од една страна се работи, да кажам за организациското поставување на македонската управа и нејзината координација пред почетокот на процесот на пристапување. Кога станува збор за европското право не е во прашање ангажман само во едно министерство, туку практично тоа се сите кои заеднички мора да соработуваат. Значи, ќе се работи на структурите на заедничката соработка и во рамките на државната управа создавање на култура за таквата соработка. Второ задача е преку проектот да се оценат извештаите на Европската комисија околу напредокот во оддредени обласи, да се види каде и кои се недостатоците, да се анализира каде се елементите кои фалат и како истите ќе треба да се надоградат. На полските и колегите од Хрватска, исто така останува, да пренесат практично како ги решиле сличните проблеми. Значи нема да има некакви не знам големи и надолго и широко расправи, туку конкретно еден практичар од Хрватска и еден од Полска ќе седнат на исто биро со задолжените во Македонија кои ја вршат истата задача и буквално за секој проблем практично ќе пренесат како истиот тие го решиле“, дополнува Плесинг.
Или уште поконкретно, во текот на проектот ќе се даваат насоки во координирањето, планирањето, мониторинг и известување за конкретните инструменти. Ќе се работи и на дефинирање на процедурите и правилата во комуникацијата меѓу Секретаријатот за европски прашања, македонското МНР и останатите министерства, како и создавање своевидни речници за правилниот превод на терминологијата која се презема од ЕУ во македонското законодавство.