Германката која им помага на ромските деца во БиХ
7 март 2014Овој проект веќе неколку години го реализира Здруженито на граѓани „Отахарин“ („Утро“ на ромски јазик), со поддршка од германската организација „Ученици помагаат живот“ („Schüler Helfen Leben"). Од минатата година поддршка имаат и од унгарската „Фондација за образование на Ромите“ (Roma Education Fund).
Ја сакам Босна
„Веќе претходно со мојата организација бев во Босна и можам да ви кажам оти ја сакам Босна. Секогаш сакав да видам како е овде, некогаш да живеам и да работам. Гледам дека улиците не се уредени, но тоа мене не ми е важно. Важно е оти луѓето се многу љубезни, искрени и сите сакаат да ви помогнат. Секако ја сакам и храната во Босна“, вели Франциска со насмевка, на добар босански, српски и хрватски јазик.
Пред 6 месеци од околината на Минхен дошла во Семберија, каде останала до септември. Секој работен ден, но често и за време на викендите, Франциска Волфшафнер работи во администрацијата на „Отахарин“, учествува во работата на Младинскиот ромски центар, но најмногу време поминува на терен. Разговара со родителите на ромските деца, кои често ги испраќа до училиште или до градинка.
„Отахарин“ за ромските деца
„Отахарин“ реализира проекти важни за ромските деца и нивните родители. Драган Јоковиќ, извршен директор на ова здружение, вели оти од минатата година се спроведува и проект за децата од предучилишна возраст. „Во предучилишното образование немаше деца од ромска националност, а во соработка со градинката 'Чичко Јован Змај' цел ни е да ја смениме оваа состојба. Раниот развој е многу важен за подоцнежното школување, добро образование и правилна социјализација. Оваа програма за деца од ромска националност се спроведува во Бјелина и Живинице“, вели Јоковиќ.
Тој истакнува дека голем придонес во сите проекти на здружението „Отахарин“ даваат волонтери од Германија, земјата во која живеат и работат и многу од Ромите во Бјелина. „Франциска е веќе трета волонтерка од организацијата „Ученици помагаат живот“ и е вклучена во сите наши програми. Многу сме задоволни од соработката и се надеваме дека задоволството е взаемно. Волнотерите се врсници- едукатори, а многу им веруваат како децата така и родителите. Многу често се пример за овие деца и млади луѓе и даваат голем придонес за сѐ што работиме тука“, заклучува Јоковиќ.
Тука сум да помогнам
Франциска ги смислува и учествува во креативните работилници за деца од предшколска возраст во градинака „Чичко Јован Змај“. „Јас сум тука да помогнам малку. Во 'Отахарин' работам како администратор, пишувам извештаи, но и многу други работи. Моментално имаме проект за деца од предшколска возраст. Јас сум им учителка и најмногу сакам да работам со деца. Ме сакаат и чудно им е кога некогаш нема да дојдам. Тие се толку мали и сакаат да работат, да си играат. Сакаат да разговараат со мене и сеедно им е дали сум Германка, дали рабирам сѐ или не“, признава Франциска.
Додава оти била и во Хрватска и во Србија, и во многу градови во Босна и Херцеговина. Ги видела убавините на оваа земја и вели дека многу научила. „Јас дојдов да помогнам, но и луѓето во Босна многу ми помогнаа. Научив многу работи, на сите јазици, стекнав големо искуство во оваа работа, запознав многу луѓе. Научив многу работи потребни за животот“, вели оваа млада Германка која на есен сака да студира јазици и економија.