1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ќе мора тивко да го преземе водството во ЕУ

Барбара Везел/превод:БГ30 јуни 2016

Излегување на Британија од ЕУ ќе го промени односот на силите во клубот со 27 членки. Ангела Меркел сега ќе мора да преземе деликатна водечка улога, но без да забележат останатите, смета Барбара Везел

https://p.dw.com/p/1JGbp
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Lecocq

„Не смееме да имаме никакви илузии за сериозноста на состојбата“, вели германската канцеларка за кризата во Европа. Со заминувањето на Велика Британија таа губи партнер кој често влечеше во иста насока, на пример по прашањата на конкурентноста и внатрешниот пазар. Сега Ангела Меркел останува сама во Европа. Како најмоќна и најискусна шефица на влада не ѝ останува ништо друго освен да ја преземе раководната улога- иако неволно.

Нема привилегии

На пример, сега се работи за тоа на Британците да им се покаже до каде можат да одат. Разбирливо е што тие сега се обидуваат да ги формулираат желбите за времето кога повеќе нема да бидат дел од Унијата. И самиот Дејвид Камерон порача, пред да ја напушти средбата на врвот: ние го сакаме вашиот внатрешен пазар. Но во исто време Британците сакаат да се ослободат од слободното движење во Европа, кое, како и миграцијата им создава многу грижи. Британците сега се лутат поради големиот број работници од Европа, откако кампањата за заминување и УКИП тоа им го наметнаа. Тие го ослободија духот на ксенофобијата од шишето, и сега ќе мора самите да се справат со тоа.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

ЕУ нема да им помогне од тоа, затоа што одговорот од Брисел беше јасен. Франција и Полска тоа го соопштија повеќе од јасно: Доколку Велика Британија сака пристап до слободниот пазар, ќе мора да ги почитува четирите основни слободи во Европа, од кои една е слободното движење на луѓето. И откако и Ангела Меркел тоа го кажа станува кристално јасно: нема да има никакви отстапки за Британците. Готово, крај, точка.

Практична политика

Периодот по Брегзит за германската канцеларката е прашање на едноставна, практична политика: Не ни требаат дебати за фундаментот, измена на договори и не ни треба драма. Не ни требаат повеќе ни референдуми, иако Меркел претпочита да не го кажува тоа гласно. Наместо тоа, таа претпочита ЕУ да продолжи да води практична политика, која ќе им донесе нешто на граѓаните: економски раст, работни места за младите, инвестиции.

Германската канцеларка ќе треба да биде многу претпазлива во следниот период, особено поради критиките дека Германија се обидува да им ја наложи својата волја на другите држави во ЕУ. Во спротивно при секоја следна криза или посериозен проблем одново сите ќе се прашуваме кој раководи и каде се европските лидери. Колку и да изгледа непријатна и тешка таа задача, ќе треба да признаеме: по заминувањето на Британците, целиот товар ќе падне врз Германија. Поголемите соседи се презафатени со внатрешни проблеми. И единствено врз Берлин ќе остане задачата да ја крепи европската конструкција од распад. Досега Германија ја исполнуваше таа улога многу претпазливо. Оттука натаму нема друг пат: од една страна таа ќе треба да демонстрира сила во Европа, а од друга да остане тивка и скромна. Покрај сета лутина поради предизвиканиот хаос- и од оваа причина најмногу ќе ни недостасуваат Британците.