1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија -фер посредник на Блискиот исток

Бетина Маркс16 јули 2008

Размената на заробеници меѓу Израел и Хезболах со германско посредништво покажа дека постојано нагласуваната германска одговорност за Израел не мора да биде насочена против неговите арапски соседи. Коментира Бетина Маркс

https://p.dw.com/p/EdaJ
Размената се одржува на граничниот премин Рош ХаникраФотографија: picture-alliance/dpa

Несфатливо сурови беа последните две години за семејствата Голдвасер и Регев, кои страхуваа за животот на своите синови, непрекинато талкаа по светот, среќаваа претседатели и премиери, разговараа со Папата и со генералниот секретар на ОН и бараа враќање на заробените војници, од кои од моментот на грабнувањето немаше никакви знаци на живот. Израелски лекари и експерти за судска медицина, кои ги анализираа локвите крв и го реконструираа нападот врз џипот на израелската патрола, уште пред две години дојдоа до резултат дека двајцата војници го загубиле животот во нападот или непосредно по него.

Војната што Израел ја водеше за да си ги врати нив, значи, беше целосно излишна. На крајот мораше уште да плати и горка цена: да ослободи еден осуден терорист, кој носи на совест пет луѓе, и уште четворица воени заробеници, во замена за посмртните останки од двајцата војници, како и од други загинати израелски војници.

Кога Шалит ќе се најде на слобода?

Денов е посебно горчлив и за родителите на Гилад Шалит: сега веќе 21-годишниот војник беше заробен од вооружени Палестинци уште пред војната во Либан и одведен во појасот на Газа, а се’ уште не е на повидок крај на неговите страдања. Израел не сака да ја плати цената што ја бара Хамас за негово ослободување. Притоа, и во израелските затвори седат илјадници палестински заробеници, некои и без обвинение и пресуда, а има и малолетни. Но, нивното страдање не трогнува никого. Дури кога тие затвореници, меѓу нив и избрани палестински пратеници, ќе се најдат на слобода, а Гилад Шалит ќе се врати дома, дури тогаш ќе може вистински да биде свртена нова страница на Блискиот исток.

Германија може да игра и позначајна улога на Блискиот исток

Јунак во овој тажен ден е германскиот преговарач Герхард Конрад, кој со многу вештина и трпение ја издејствува размената, останувајќи целосно невидлив за јавноста. Големо е неговото постигнување: тој покажа дека постојано во Берлин нагласуваната германска одговорност за Израел не мора нужно да биде насочена против неговите арапски соседи.

Фактот дека токму германски агент е прифатен како фер преговарач на Блискиот исток, покажува дека Германија, ако успее да се ослободи од стегите на срам и чувство на вина, во меѓувреме има и други можности таму - за добро на Израел и на неговите арапски соседи.