1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија против Бразил во полуфинале од соништата

СН/жа/дпа/миа/афп/ртр5 јули 2014

По победите во четвртфиналните средби, во вторник (8. јули) во првото полуфинале на фудбалскиот Мундијал ќе играат репрезентациите на Бразил и наГерманија. Победата на домаќинот против Колумбија меѓутоа беше „горка“.

https://p.dw.com/p/1CWE5
Фотографија: imago/Christian Ohde

Фудбалската репрезентација на Бразил кратко ѝ се радуваше на синоќешната победа од 2:1 во „јужноамериканскиот дуел“ над Колумбија со која обезбеди полуфинале на Светското првенство. Веднаш по натпреварот селекторот Луис Фелипе Сколари, изјави дека за најдобриот фудбалер на „Кариоките“, Нејмар, шампионатот е завршен.

„ Нејмар имаше големи болки и во солзи беше изнесен од теренот и одвезен во болница. Не очекувам дека ќе биде спремен за дуелот со Германија, според она што ми го кажаа докторите и поради специфичноста на повредата“, изјави Сколари

Нејмар беше повреден во второто полувреме откако Колумбиецот Зунига со колено го удри во грбот, а по прегледите во локалната болница констатирано е дека повредата е посериозна и дека Нејмар предвреме ќе го заврши шампионатот.

Fußball WM 2014 Brasilien Kolumbien Viertelfinale
Фотографија: Reuters

„За жал, тој нема да биде во можност да игра. Нејмар има повреда, фрактура на р'бетен пршлен, поради која ќе мора да паузира четири до шест недели. Тоа не е сериозна повреда во смисла дека не треба да се прави операција, но потребно е да се мобилизира и да мирува за да може да се рехабилитира, изјави Родриго Ласмар докторот на бразилската репрезентација.

Инаку стрелци на головите за „Кариоките“ на синоќешниот дуел беа централните дефанзивци, Тиаго Силва (7-минута) и Давид Луиз (69-минута) а голот за Колумбија од пенал го постигна Хамес Родригез, кој сега води на листата на стрелци на Мундијалот со вкупно шест погодоци.

Бразил за полуфиналето со Германија закажано за 8. јули покрај најдобриот стрелец во репрезентацијата Нејмар, нема да може да смета и на Тиаго Силва.

Капитенот Силва кој го постигна првиот гол за „Кариоките„ на дуелот со Колумбија, во второто полувреме заработи жолт картон, втор за него на првенството, по што ќе следи казна (суспензија) од еден натпревар без право на настап.

Fußball WM 2014 Deutschland Frankreich Viertelfinale
Фотографија: Reuters

Претходно репрезентацијата на Германија во „европскиот дуел“ против Франција го обезбеди првото полуфинално место на дваесеттото Светското фудбалско првенство. Германците победија со 1:0 на натпреварот кој се одигра на легендарниот стадион „Маракана“ во Рио де Женеиро. Централниот дефанзивец Матс Хумелс во 13-минута беше стрелец на голот за Германија вреден полуфинале, откако најдобро се снајде во шеснаесетникот на „триколорите“ по слободниот удар кој го изведе Тони Крос.

За Германија ова ќе биде четврто полуфинале во низа (2002, 2006 и 2010), односно вкупно тринаесетто во историјата. Досега „панцирите„ дури седумпати успеале да ја минат и полуфиналната рунда и да стигнат до големото финале.