Германија може да направи многу за Македонија, неопходни се добри рамковни услови
28 август 2014„Германија ги поддржува европските перспективи на земјите од Западен Балкан. Иднината на земјите од Балканот е во Европската унија“, порача Зигмар Габриел, германски вицеканцелар и министер за економија и енергетика на почетокот на Економската конференција за Западен Балкан, која е дел од самитот на лидерите што денеска (28.08) се одржува во германската престолнина. Габриел едновремено побара земјите од регионот да продолжат да ги спроведуваат реформите и да се погрижат за обезбедувањето на конкурентност, како и за правна сигурност и инфраструктура.
Иднината во свои раце!
Ваквиот „економски“ почеток на конференцијата за земјите од Западен Балкан, на која присуствуваат министрите за економија од земјите од регионот, но и од Словенија и Хрватска, практично ја дава и носечката порака, која рака на срце, се повторува повеќе години: Германија е подготвена да помогне, но државите од регионот треба иднината да ја земат во свои раце, да создадат услови во кои соработката меѓу државите, регионот и ЕУ ќе биде на задоволство на сите три страни, односно државите да иницираат проекти кои ќе донесат поврзување и просперитет на целиот регион (Западен Балкан). Енергетиката, инфраструктурата и инвестициите се стожерот од кој треба да се профитира на национално, регионално и на ниво на ЕУ.
„Ако се следи доближувањето на земјите од Западен Балкан до ЕУ човек може да биде охрабрен, зашто сите чекорат на тој пат. Но, ако се погледа актуелната ситуација, симболичното преговарање не помага. Доколку ЕУ не сака на одредено време да се проширува, не смееме да се чудиме ако државите се ориентираат кон други интереси“, подвлече и д-р Маркус Фелзнер, претседавач на Здружението на претпријатијата за Источна и Средна Европа .
„Ова е во вистинско време, вистинска понуда за Западен Балкан. Енергетиката, патната и железничката инфраструктура се основа која мора заеднички да се планира и инвестира“, констатираше и еврокомесарот за енергетика Гинтер Етинген обраќајќи се до министрите за економија од регионот, меѓу кои беа и македонскиот вицепремиер Владимир Пешевски и министерот за економија Беким Незири.
На првиот панел посветен на енергетиката и инфраструктурата сите министри од регионот говореа за состојбите во сопствената земја. Сите генерално ја потврдија неопходноста од сигурна енергија, од потребата од поврзување, но и се пофалија дека работите околу прифаќањето на европските стандарди полека се средуват.
Македонскиот вицепремиер Владимир Пешевски уште еднаш ја промовираше Македонија како инвестициска дестинација, фокусирајќи се на енергетиката. Според него, Македонија и во оваа сфера е некако понапред од останатите. Веќе е отворен пазарот за приватни инвестиции во овој сегмент, тука е и проектот за јавно приватно партнерство за изградба на гасни дистрибутивни системи за втор и трет регион во Македонија. Пешевски ја промовираше и идејата за создавање регионален пазар, или како што ја нарече - регионална берза за електрична енергија со што би се обезбедило посигурно и поевтино снабдување не само на земјата, туку и на целиот регион. Тој едновремено подвлече дека Македонија гради и неколку значајни енергетски врски со соседните држави.
Германија заинтересирана за Македонија
Што може конкретно една ваква Конференција на највисоко ниво да и‘ донесе на Македонија, ги праша ДВ дел од учесниците.
„Конференцијата е мошне важна за повторно да се покаже интересот кон регионот, дека сакаме регионот да го воведеме во Европа. Секако дека имаме јасен инструментариум како тоа треба да се одвива - преку договорите за асоцијација и пристапните преговори, со јасни критетриуми. Ова го поддржуваме како ЕУ и билатерално, но и дискусиите јасно покажаа дека владите самите мора да ја спроведат својата реформска агенда и да се подготват за членството во Евопската унија. Се сеќавам, пред многу години, кога беше во прашање визната либерализација, Македонија самата кажа дека за оваа цел ќе воведе биометрисмки пасоши, водејќи се од размислата дека е добро да се подготви, па кога политичарите ќе одлучат да ги отворат границите , земјата нема да губи време. Исто вака во Макеоднија може сега да се спроведат сите потребни реформи кои во идина ќе бидат доволни за членството, иако без формално водење на преговорите. Реформите се потребни за економијата, но и за подобар живот на луѓето“, вели за ДВ Хелге Толксдорф, раководител на рефератот за ЕУ-проширување, Југосточна Европа и Турција во сојузното Министерство за економија. Според него, со доброто рангирање на „Дуинг бизнис“ Македонија веќе го сврте вниманието на инвеститорите.
„Германија за Македонија може да направи многу: да обезбеди работни места, да донесе технологии, да развие инфраструктурни проекти. Но, за ова на германската економија и‘ се потребни рамковните услови во Македонија. Знаете дека германската економија во реалноста не ја носат големите концерни, туку илјадници семејни средни и мали претпријатрија кои имаат фантастрични технологии. Тие се инвеститори кои размислуваат долгорочно, не заминуваат по првите тешкотии. Затоа им треба доверливост! А тоа е тешкотијата, зашто не знаат колку брзо ќе им се повратат инвестициите, колку скоро ќе добијат одобрение за некаква градба и сл. И тоа е нашиот апел. Германија може многу да направи, но мора на местото нависина да има раздвижување за исполнување на бараните услови“, подвлекува за ДВ д-р Маркус Фелзнер, Претседавач на Здужението на претпријатијата за Источна и Средна Европа.
Пленарна седница кај Меркел
Попладнево средба имаат и министрите за надворешни работи. Тие зад затворени врати разговараат за три блока: отворени прашања и добро владеење, економско владеење и Русија, односно влијанието и доближувањето на земјите од регионот.
Главната пленарна седница и врв на политичкиот дел на Конференцијата за Западен Балкан е попладнево кај канцеларката Меркел. Таа има политички разговори со премиерите на земјите од регионот, меѓу кои е и шефот на македонската влада Никола Груевски.