1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и С. Македонија ќе потпишат безбедносен договор

БГ
11 октомври 2019

Двете земји ќе соработуваат поблиску во борбата против тероризмот и организираниот криминал, се наведува во владиниот одговор на пратеничко прашање во парламентот.

https://p.dw.com/p/3R8Br
Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov
Фотографија: DW/B. Georgievski

Германија и Северна Македонија ќе потпишат безбедносен билатерален договор кој ќе овозможи засилена соработка и размена на информации меѓу безбедносните служби во двете држави. Потпишувањето е закажано за 17 октомври во Берлин, а параф на договорот ќе стават министрите за внатрешни работи Хорст Зехофер и Оливер Спасовски.

Информацијата беше објавена откако пратеникот на Левицата, Андреј Хунко постави пратеничко прашање до владата.

Хунко и неговата левичарска партија се критични кон договорот и тврдат дека тој е во насока на изградба на „тврдина Европа“, односно сопирање на приливот на бегалци.

Извори во македонското МВР, пак, тврдат дека договорот нема никаква врска со бегалците, и го оценуваат како историски.
„Повеќе децении се обидуваме да постигнеме ваков договор со Германија, и сега конечно сме на добар пат“, вели висок функционер во МВР кој инсистираше на анонимност.

Horst Seehofer, Bundesinnenminister, CSU, Treffen der EU-Innenminister in Luxemburg
Германскиот министер за внатрешни работи Хорст ЗехоферФотографија: DW/B. Riegert

„Овој договор ќе ни овозможи целосна соработка и размена на информации со германската полиција. Досега сме имале само мултиратерални договори, и овој е првиот билатерален од ваков вид со Германија. Го сметаме за многу позитивен“, вели изворот на ДВ.

Разговорите околу договорот се уште се финализираат, но се работи за технички детали кои ќе се завршат до следниот четврток.
Германското МВР соопшти дека Австрија веќе иницираше работна група чија цел е да се постигне „координирана и континуирана соработка во насока на разбивање на организирани мрежи на шверцери“. За да се постигне паралелно се зголемува размената на информации со полициската агенција на ЕУ- Еуропол и со пограничната агенција Фронтекс.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема