Германија: Итно се потребни негуватели од странство
2 јуни 2015Германските фирми се‘уште тешко се наоѓаат со глобалниот пазар на работна сила. Иако некогашните ригидни правила за непримање работна сила припаѓаат на минатото, политичката желба за поголемо доселување на квалификувана работна сила се‘уште не вродува со плод. Само еден поглед врз негувателската бранша потврдува оти е тешко внесувањето странска работна сила.
Браншата ја карактеризира недостиг на стручни кадри. Речиси две третини од болниците и старските домови имаат непополнети работни места, во просек има простор за вработување на уште по 4,3 работници по претпријатие, како што се истакнува во студија на Центарот за европски економски истражувања. Анкетирани биле околу 600 претпријатија кои вршат нега на лица и три четвртини истакнуваат постоење тешкотии во наоѓање персонал за слободните работни места. Без оглед на тоа, само 16 проценти од институциите за нега вршат регрутирање квалификувани работници од странство. Тие порадо врбуваат персонал од конкуренцијата.
Малите негувателски фирми тешко ангажираат странци
Тоа има една причина: многу од анкетираните претпријатија опцијата со странски квалификувани работници ја сметаат за премногу компликувана и скапа. Освен тоа, постојат високи правни пречки. 83 проценти веќе имаат искуства со понекогаш комплицирано признавање на квалификациите и дипломите. Врз германските работодавачи очигледно одбивно дејство имаат и тешкотиите со добивање работни дозволи за лица од трети земји. Посебни тешкотии имаат малите и средни претпријатија. Студијата покажува: колку е поголема фирмата и попрофесионална нејзината правна служба, толку може да врбува повеќе странски работници.
Околу 61 процент од дојдените негуватели потекнуваат од Шпанија, 19 насто од Полска и 16 проценти од Хрватска. Од земјите кои не се членки на ЕУ, во Германија негуватели доаѓаат главно од Босна и Херцеговина, Украина, Русија, Кина и Филипините. Оние кои веќе се докажале во секојдневната пракса, наидуваат на признание од колегите и работодавачите, првенствено поради работната мотивација и ангажман-речиси половина од испрашуваните претпријатија дури признаваат дека тие се повисоки во споредба со оние кај германските соработници. Наспроти тоа, практичното искуство кај негувателите од странство добива пониска оценка, 53 проценти нивната работа ја оценуваат пониско отколку кај останатите соработници.
Квалификувани доселеници-не само дозвола, туку и активно поттикнување
За да се намали недостигот од персонал во германските институции за нега на лица, подготвувачите на студијата пледираат за подобри информации како фирмите да дојдат до странски работници. Исто така, пожелна би била унифицирана постапка во целата земја при признавањето на дипломите и квалификациите на негувателите, како и поедноставни и транспарентни правила за доселување.
Кфалификуваната работна сила, според студијата, не е добредојдена само за стопанството, туку и за германската социјална држава. Придонесот на стручњаците-странци преку даноци и социјални давачки во фондовите за пензиско и здравствено осигурување може да биде значително повисок, ако добијат полесен пристап кон германскиот пазар на работна сила. Но, за тоа е потребна активност на политиката, препорачуваат авторите на студијата од Центарот за европски економски истражувања.