1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија добро профитира од кризата во Грција

Б. Георгиевски/дивелт/дмн11 август 2015

Германија профитира од грчката криза, пишува весникот Ди Велт повикувајќи се на анализа на угледен Институт. Германскиот печат анализира и како се кршат правилата во еврозоната

https://p.dw.com/p/1GDKU
Фотографија: der Freitag

Весникот „Ди Велт“ во денешното издание ја пренесува анализата на Институтот за економски истражувања во Хале во која се наведува како Германија профитира од грчката криза.
„Германската држава, и во случај да ја загуби целата сума која ја вложи за помош на Грција, би профитирала од тамошната криза. Од нејзиниот почеток во 2010. година, германскиот буџет е растоварен за 100 милијарди евра или три отсто од Бруто општествениот производ- за дел од таа сума може да и се заблагодари на кризата. Заштедата би била поголема од трошоците дури и кога Грција не би вратила ништо од своите долгови. Уделот на Германија во досегашните пакети за спас за Грција изнесуваше 90 милијарди евра. Германија, на тој начин, во секој случај профитираше од грчката криза.
Експертите од овој институт објаснуваат дека поради кризата инвеститорите постојано се обидуваат парите да ги вложат на сигурно и дека затоа купуваат германски државни обврзници. Големите агенции за финансиски рејтинг сметаат дека тие обврзници се најмалку ризични. Секој пат кога на финансиските пазари се појавуваа негативни вести за Грција, паѓаа каматите на германските државни обврзници. Така, каматите паднаа за 0,3 отсто кога беше јасно дека на изборите во Грција ќе победи Сириза. И обврзниците на другите земји носеа профит- на пример оние на САД, Франција или Холандија- но далеку помалку“.

Еврозона без правила

Економскиот портал „Дојче мителштандс нахрихтен“ пишува дека „Германија не е примерен ученик“, но кога се работи за критериумите за стабилност на ЕУ. Главниот аналитичар на Бадер банката, Роберт Халвер вели дека основниот проблем на еврозоната е постојаното кршење на тие критериуми. Германија пет години за ред ги кршеше тие правила и за тоа не беше казнета- грчката криза не е никаков исклучок, туку точка во која кулминираше недисциплината во еврозоната.

Deutschland Griechenland Ministerpräsident Alexis Tsipras bei Angela Merkel in Berlin
Ангела Меркел и Алексис Ципрас во БерлинФотографија: Reuters/P. Kopczynski

„Кога беше воведено еврото, земјите од северна Европа и пред сѐ Германија беа подготвени да се откажат од своите силни валути. Тогаш сите се залагаа за стриктно почитување на цврстите правила на стабилноста и за остри санкции кон оние кои не ги почитуваат тие правила. Почетоците на еврозоната не беа лоши. Особено јужните држави од зоната се радуваа на полетот на економиите. Но тие не го искористија тоа време за структурни реформи кои ја зајакнуваат конкурентноста, туку за уште поголемо задолжување. Тоа подоцна им се одмазди“.

„Во 2001, 2002, 2003, 2004 и 2005 година, токму Германија ги кршеше критериумите за висината на својот долг. И дали беше за тоа казнета онака како што предвидуваа договорите за еврото? Не, бидејќи со помош на Франција, Италија и Грција (!) успеа да избегне санкции. Тогаш недисциплираната Германија покажа како повредата на правилата може да стане нормален манир на однесување.

Во 2004 година Европскиот завод за статистика докажа дека наводите на Грција за нејзиниот државен буџет од 1997 до 2000. година биле измислени како и бајките на браќата Грим. Тие во реалноста биле далеку над критериумите на конвергенција (долгот мора да биде помал од три отсто од БДП), што всушност би го спречило влезот на Грција во еврозоната. Но, и покрај тоа, казнената постапка против грчките лажговци беше запрена. Исто толку полни со разбирање беа европските политичари и кога се дозна дека дефицитот на грчкиот буџет не изнесувал 3,7 туку 12,7 отсто од БДП- и повторно немаше санкции“, пишува „Дојче мителштандс нахрихтен“.