1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците од екс-Југославија против новите бегалци

Среќко Матиќ/Ж.А.22 февруари 2016

Многумина германски граѓани со странско потекло се непријателски расположени кон бегалците и новите мигранти. Притоа, голем број од нив и самите во Германија дошле како бегалци од земјите од бивша Југославија.

https://p.dw.com/p/1Hzh1
Фотографија: Getty Images/AFP/C. Stache

Војна, разорувања, бегство. Дарко Толиќ сето тоа лично го доживеал. Кога на почетокот на 90-те години во северниот дел од Босна и Херцеговина беснееше војна меѓу Србите и Хрватите, неговите родители ги одвеле тогаш петгодишниот Дарко и неговата сестра од селото Јоховац кај Добој на сигурно, кај дедото и бабата во Германија. Таткото се вратил на боиштето, мајката останала во Германија. Како медицинска сестра, многу брзо нашла работа во една болница. Затоа, семејството на Дарко по завршувањето на војната не морало да се врати во БиХ како мнозинството останати бегалци. Семејството останало. Толиќ денес има 28 години и во Германија се ангажира политички - против бегалците и мигрантите. Првенствено оние неевропските. „Европа е татковина на европските народи. Европа треба да остане европска, а Германија германска!“, вели овој босански Хрват од Штутгарт.

Kroatien Darko Tolic Politiker
Дарко ТолиќФотографија: privat

„Декадентните Европејци“

Толиќ е основач на германскиот огранок на Автохтоната хрватска партија на правото, А-ХСП. Последниве години тој отворено ги поддржува германските десни екстремисти, на пример од партијата НПД, зашто се „најблиски до неговиот поглед на светот.“

„Хрватскиот крстоносец“, (како што го нарекуваат германските медиуми), „сака да ја спаси Европа од изумирање на европските народи и размножувањето на неевропските народи.“ Германците се наивни во поглед на бегалците, вели тој во разговор за Дојче веле: „ тие не ја препознаваат опасноста од неконтролирано доселување.“ За Дарко Толиќ африканските и азиските мигранти се „натрапници кои ја злоупотребуваат декадентноста на Европа.“ За тоа мора да се зборува, дополнува тој.

Толиќ не е осамен. Неговото мислење го делат и други млади политичари од подрачјата на бивша Југославија кои во 90-те години во Германија дошле како бегалци и економски мигранти. Тие се активни во популистистичките, десничарско-радикалните, па дури и неонацистичките собири и партии.

На пример Сафет Бабиќ, шеф на НПД во Триер, закоравен неонацист со босанско потекло кој преку социјалните мрежи шири антибегалска пропаганда. Еден од неговите слогани е: „Buntes Trier, nicht mit mir!“, во превод: „Шарен Триер, не со мене!“

Или Дубравко Мандиќ, правник од Фрајбург и еден од младите надежи на популистичката АфД, партијата Алтернатива за Германија. Оваа партија одлучно се спротиставува на прифаќањето бегалци, нејзината шефица Фрауке Петри дури изјави дека на границите, во нужен случај, би требало да се пука врз бегалците за да се спречи нивното влегување.

Deutschland Professor Dr. Friedrich Heckmann
Фридрих ХекманФотографија: Privat

Мандиќ своевремно јавно го нарече американскиот претседател Барак Обама „црнчуга кој само поради својата боја на кожата станал претседател на САД.“ Мандиќ е роден во Сараево, неговиот татко, како што ни рече во телефонски разговор, на почетокот на 90-те години дошол во Германија за да им помогне на бегалците од БиХ во интеграцијата. Тој не сакаше за Дојче веле да зборува околу својата животна приказна и своите ставови за бегалците.

Феноменот не е нов

Бегалците и мигрантите против новите бегалци и мигранти - не е ништо ново, тврди бамбершкиот социолог Фридрих Хекман: „На крајот на краиштата, и мигрантите имаат предрасуди. Тие ги донесуваат со себе и овде натамошно ги развиваат. Тие имаат предрасури против други мигрантски групи и се разбира, предрасуди против мнозинското германско население.“

Професорот Хекман потсетува на бројните доселеници од бившите советски републики, кои на почетокот на 90-те години на минатиот век дојдоа во Германија. „И тие со себе донесоа многу силни, посебно предрасуди против муслиманите.“

Етаблираните доселеници често имаат чувство на нелагодност кога станува збор за нови доселеници. Тој феномен е познат и од САД, класична доселеничка држава, каде мнозинството дојденци редовно се спротиставува на ново доселување.

Во Германија на пример, Турците во 90-те години со злоба гледаа на новодојдените од источна Европа, поради наводното привилегирање на околу четирите милиони нови „советски“ жители на Германија. Турците се жалеа дека тие „за се‘ морале самите да се изборат како гастарбајтери“, а сега на „новите дојденци се‘ им се сервира на чинија“, дека им се нудат курсеви за интеграција, им се помага при барањето стан и без проблеми добиваат и германско државјанство.

Нова конкуренција

„На почетокот на 90-те години во Германија имавме голема мигрантска криза, која може да се спореди со сегашната. Во 1992 година регистриравме 1,5 милиони доселеници, имаше насилство против мигрантите, подметнување пожари во домовите со азиланти, имаше и мртви. Со време ситуацијата се смири, откако беа заострени правилата за добивање азил, со што беше редуцирана миграцијата,“ потсетува Хекман.

Во разговорот за Дојче веле тој истакнува дека причината за негативниот став на „старите“ кон „новите“ дојденци едноставно е - стравот. Страв од нова „конкуренција“, за она што „старите“ доселеници успеале да го изградат во новата татковина и страв дека „новите“ ќе станат нови миленици на Германците.

„Тоа е борба меѓу етаблираните и новите дојденци околу истите или слични ресурси, околу рабитните места и становите.“ Борбата се води и преку социјалните мрежи. Таму бегалците (често и од страна на бившите бегалци) паушално се нарекувани „мрзливци“, „силувачи“ и „паразити“.

Köln Pegida
Протест на движењето Пегида против доаѓањето странциФотографија: DW/N. Martin

За Дарко Толиќ, „хрватскиот крстоносец“ од Штутгарт и самопрогласен „спасител на Европа“, финансиската страна на приказната никогаш не била примарна. „Јас во Германија дојдов како млад Европеец во една европска земја. Поради тоа, легитимно е што сум овде. Јас се гледам себе си како гостин кој еден ден ќе се врати, кој сака да се врати во татковината.“

Успешна интеграција?

Секој петти од околу 80 милиони жители на Германија потекнува од странство, што значи дека тие самите, нивните родители или родителите на нивните родители се доселиле во Германија. Ставовите на етаблираните доселеници во поглед на бегалците не се разликуваат во голема мерка од ставовите на мнозинското, германското население.

Како што покажа една анкета на Институтот за истражување на јавното мислење YouGov спроведена на крајот на минатата година, 40 проценти од германските доселеници сметаат дека Германија требаше да прифати помалку бегалци отколку што всушност ги прими. Кај Германците такво мислење имаат 45 проценти од испитаниците. 24 насто од доселениците мислат дека Германија воопшто не требаше да прифати бегалци, тоа мислење го делат 25 проценти од Германците.