1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Газа: Пропаднато примирје

ЖА/дпа/миа/афп/ртре20 август 2014

Прекин на огнот не значи мир - Израел и радикално исламскиот Хамас повторно почнаа со меѓусебните борби по истекот на договореното временски ограничено примирје.

https://p.dw.com/p/1CxJB
Фотографија: REUTERS

Палестинците го обвинуваат Израел за крајот на прекинот на огнот. Шефот на палестинскиот преговарачки тим на прегововорите во Каиро, Азам ал-Ахмед, изјави дека прекинот на огнот пропаднал, а за тоа одговорноста ја сноси Израел. Друг висок по ранг претставник на Хамас предупреди од нов бран насилство. Се‘ додека не постои никаква сигурност за палестинскиот народ, нема да ја има ни за Израел, изјави Есат ал-Ришк.

Уште пред официјалниот крај на примирјето, припадници на исламистичкото движење Хамас синоќа (19.08) соопштија дека истрелале 40 ракети кон Израел, а една од нив во близина на меѓународниот аеродром Бен Гурион, во близина на Тел Авив.

Ова е најбројниот ракетен напад врз Израел по обновувањето на нападите по завршувањето на привремениот прекин на огнот. Военото крило на Хамас, бригадата Изадин ал Касам, презеде одговорност за истрелувањето на ракетите.

Претходно, во израелски возушен напад по прекинот на примирјето загинаа три лица, а над 40 беа повредени. Израелската армија ги повика Израелците кои живеат на растојание од 80 километри од границата со Појасот Газа да се засолнат од можни ракетни напади.

Израел: Не сме виновни за неуспехот на преговорите

Портпаролот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли палестинските обвиненија дека Израел е одговорен за неуспехот на преговорите за прекин на огнот во Каиро, истакнувајќи дека ракетните напади од Газа го оневозможуваат продолжувањето на преговорите. Портпаролот Марк Регев одговори на обвиненијата од палестинскиот претставник во преговорите Азам ал-Ахмед дека Израел е виновен за неуспехот на преговорите.

Israel / Gazastreifen / Gaza-Krieg / Soldaten
Фотографија: Reuters

„Процесот во Каиро беше врз основа на тотален и целосен прекин на сите непријателства, а ракетните напади од Газа не само што претставуваат јасно кршење на прекинот на огнот, туку ги уништуваат и принципите на кои се базираа преговорите“, изјави Регев.

САД бараат итен крај на непријателството

Заменик-портпаролот на Стејт департментот Мари Харф синоќа изрази загриженост поради развојот на настаните во Појасот Газа, повикувајќи на моментален крај на непријателството.

„Загрижени сме поради настаните во Газа и го осудуваме најновиот ракетен напад и го поддржуваме правото на Израел да се брани. Повикуваме на моментален крај на непријателството и на ракетниот оган и ги повикуваме страните да се вратат на преговорите за примирје“, изјави Харф.

Во најновиот конфликт во Појасот Газа од почетокот на јули на палестинска страна загинаа околу две илјади луѓе, додека Израел соопшти за смртта на 64 свои војници и тројца цивили.