1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Габриел: Ни милиметар простор за десните екстремисти

Е.М. Фиданоска /дпа/афп/ард24 август 2015

По насилните протести против бегалците во Хајденау, вицеканцеларот Зигмар Габриел денеска беше на лице место и на десните екстремисти им упати остри пораки. За збор преку својот портпарол се јави и канцеларката Меркел.

https://p.dw.com/p/1GKao
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

По деснорадикалните протести пред едно сместувалиште за бегалци во Хајденау, вицеканцеларот Зигмар габриел (СПД) побара решително дејствување од страна на политиката и општеството. „На овие типови (десните екстремисти, н.з.) не смее да им се остави ниту милиметар простор“, изјави лидерот на социјалдемократите по пристигнувањето во Хајденау. „Тоа се луѓе кои немаат ништо заедничко со Германија“, изјави Габриел и додаде дека на безредија предизвикани од омраза кон странци има „само еден одговор - полиција, обвинителство и по можност за секого кого ќе го фатиме и затвор“. Вицеканцеларот најави дека општините треба да добијат поголема поддршка за сместување на бегалците. Наместо една милијарда евра, која досега беше ветена од страна на сојузот, општините најверојатно ќе добијат три милијарди евра годишно.

Габриел го пофали градоначалникот на Хајденау Јирген Опиц за неговите јасни зборови упатени по насилничките акции полни со омраза кон странци. „Мислам дека господинот Опиц мора да добие поддршка. Тој покажува многу храброст и кураж.“ Габриел во градот кој е во близина на Дрезден денеска освен средбата со Опиц, треба да го посети и сместувалиштето за бегалци во просториите на поранешна продавница за алати и градежен материјал.

Deutschland Sigmar Gabriel besucht Heidenau
Габриел во разговор со жители на ХајденауФотографија: Reuters/M. Rietschel

Опиц очекува посета на Меркел

Градоначалникот на Хајденау нагласи дека посетите од страна на политичарите за него не се „туризам“, туку важна помош во борбата против оние кои сакаат да предизвикаат „хаос“. „Еден градоначланик се наоѓа на крајот на ’синџирот на исхрана’ и е упатен на поддршка одозгора“, изјави тој. Според него, Хајденау е поинаков град од она што го покажаа последните настани, а неонацисти има „во секое место“. Притоа, Опиц изрази надеж дека и канцеларката Ангела Меркел ќе дојде во Хајденау. „Се надевам дека ако господин Габриел е денес кај нас, тогаш утре, најдоцна задутре овде ќе можеме да ја поздравиме и госпоѓа Меркел.“

Германската канцеларка во меѓувреме ги осуди расистичките безредија во Хајденау. Преку својот портпарол Штефен Зајберт таа порача: „Одвратно е како десните екстремисти и неонацисти се обидуваат да ја шират својата подмолна порака на омраза околу еден бегалски објект и засрамувачки е како граѓани, па дури и семејства со деца, му даваат поддршка на сето ова со тоа што излегуваат на вакви протести.“ Меркел деновиве, инаку, беше жестоко критикувана поради своето молчење околу бегалците.

По насилничките расистички безредија во кои беа повредени околу 30 полицајци, состојбата во Хајденау во текот на изминатата ноќ беше „релативно мирна“, соопшти полицијата. Од вчеравечер е воведена посебна зона околу сместувалиштето за бегалци во која се вршат контроли. Полицијата, имено, може без повод да бара лични документи за идентификација и да врши претрес на лица за да се утврди дали носат оружје или запалливи материи.

Полицискиот синдикат во Германија се заложи за воведување вакви зони околу сите сместувалишта за бегалци во земјата. „Вакви заштитни зони ни се неопходни насекаде, затоа што никој не може да каже дали и каде би се случиле нови напади“, изјави шефот на полицискиот синдикат Рајнер Вент за весникот „Рајнише пост“.