1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Габи за „лекување“ комарци!

4 април 2011

На секои 45 секунди во Африка по едно дете умира од маларија. Болеста годишно однесува милион животи во светот, и покрај тоа што многу заболени добиваат навремена терапија и што комарците се запрашуваат со инсектициди.

https://p.dw.com/p/10hFj
Паразитот на маларија преку комарецот се пренесува на човекотФотографија: picture-alliance /dpa

Голем проблем е што комарците стануваат отпорни на хемикалии. Патогенот реагира на се´ помалку хемиски средства, па често инсектицидите и немаат многу смисол. Многу истражувачи затоа трагаат по алтернативни решенија.

На паразитот кој ја предизвикува маларијата му се потребни само два вида: комарец и човек. Без инфицирани комарци патогенот не може ниту да стигне до човекот. Поради тоа не е ниту чудо што борбата против маларијата во најголем дел е борба против комарците.

Средство што ќе го убие паразитот на маларија, а не комарецот

Moskito Schirn Kunsthalle und mak.frankfurt
Убод што значи смртФотографија: presse

Сепак, сите познати хемиски инсектициди полека го губат дејството, бидејќи комарците стануваат отпорни. Истражувачите ги бараат алтернативните решенија надвор од лабораторијата – во природата. Рејмонд Ст. Легер од Универзитетот во Мериленд ја проучува габа што го носи латинското име Metarhizium anisopliae. Спорите на таа габа можат да го пробијат одбранбениот механизам на маларичните комарци. Сепак, не е се´ така едноставно:

„Предолго трае додека габата не го убие комарецот. Затоа би требало секогаш да се користи големо количество спори на мал простор со цел да бидеме сигурни дека целото легло на комарецот ќе биде убиено.”

Значи, метарициум е смртоносен за комарците, но е премногу спор за да ја прекине агонијата со која се соочуваат пределите погодени со маларија. Затоа Рејмонд Ст. Легер планира да ја надогради габата со генетски инженеринг. Бара гени кои нема да ги убиваат комарците, туку исклучиво паразитите на маларија.

Лекување на комарците

Bekämpfung der Malaria in Uganda - Schüler
Децата се најчестите жртви на маларија во АфрикаФотографија: picture-alliance/dpa

Посебно се ефикасни човечките антитела за борба против маларијата. Исто така, еден ген од имунолошкиот систем на шкорпијата може да ги уништи микробите. На крајот, и хормонот на самите комарци кој е поврзан со плунковната жлезда успешно ги уништува паразитите.

„Со сите овие гени ја мoдифицираме нашата габа. Таквата материја ја пробива одбраната на комарците. Инсектот ќе може да преживее уште долго, но веќе по неколку денови габата делува против маларијата која ја носи комарецот. Можеме да кажеме дека вака ги лекуваме комарците. Преку 90 насто од паразитите се уништени и комарецот повеќе не може да ја пренесе болеста.“

Посебно ефикасна е комбинацијата на клетка на габа со различни гени од антитела. Истражувачите создаваат гени кои се активираат во моментот на контакт со крвта на инсектот. Затоа и делуваат брзо, посебно кај комарците кои веќе долго се носители на маларијата. Инсектот ќе го преживее запрашувањето, но повеќе нема да претставува опасност за луѓето. Нивниот убод само ќе предизвика чешање.

Спроведување на техничкото решение во пракса

Kampf gegen Malaria in Afrika
Новиот препарат има едноставна употребаФотографија: Ralph Ahrens

Рејмонд Ст. Легер сега размислува како технички да го спроведе новото решение:

„Габата може да помине како било кој хемиски инсектицид. Да кажеме, во вид на спреј или замка за инсекти. Обични црни шамии можат да се потопат во препаратот од спори и едноставно да се закачат во куќата. Секој комарец кој ќе слета на нив ќе биде под дејство на габата. Исто така, можат да се напрскаат мрежите на прозорците.“

Техничките решенија, значи, не претставуваат проблем. Наспроти тоа, Легер верува дека на тестирањето на своето откритие на теренот ќе почека уште неколку години. Истражувањата би требало да се извршат во Кенија, но само ако населението има волја за тоа. Генетскиот инженеринг е сe´ уште во развој и луѓето не му веруваат премногу.

За утеха е што и во наредните неколку години класичните инсектициди ќе делуваат доста добро - барем додека повеќето комарци не станат отпорни на нив.

Автор: Фолкер Видермут / Светлана Брик

Редактор: Жана Ацеска