1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вљубени во синилото на езерото - странците купуваат станови во Охрид

Милчо Јованоски17 мај 2014

Странците во Охрид досега инцидентно и индивидуално купуваа станови и имоти. Но, во близина на Пештани, почна холандската „инвазија“. Таму „БНЦ групацијата“ од Амстердам веќе продава, апартмани, а се гради и нов објект.

https://p.dw.com/p/1C1dX
Фотографија: DW

Пештани е на околу 15 километри од Охрид. Оваа населба, некогаш беше позната по рибарството и по печалбарството, а денес е позната по туризмот. Пештани сега е очигледно пред нова развојна шанса. Населбата незапирливо се шири кон Охрид. На тој потег за само една година холандско-македонската групација „БНЦ“ ги изгради апартманите „Атлантис“. Марисца Боерс, ќерка на еден од тројцата сопственици на компанијата, вљубена во Македонија, за Дојче веле раскажува како почнала приказната: „Пред седум години моја братучетка се омажи за Македонец. Дојдовме сите овде и направија голема македонска свадба. Тогаш, буквално се вљубивме во ова синилото на езерото. Доаѓавме сите по два до три пати годишно. Откако почна градбата на апартманите повеќе сме тука, отколку таму.“

Уште не завршени, апартманите веќе продадени

Апартманите официјално сѐ уште не се отворени, лентата не е пресечена, а над половината се продадени. Никола Иванчиќ, сопственик на агенцијата за посредување со недвижности „Наш – Ваш дом“ од Охрид објаснува: „Соработка со 'БНЦ групацијата' започна пред една година. Имаме ексклузивно право на продажба на нивните апартмани. Тие се едни од најатрактивните и најлуксузните во Охрид. Од постојните 36 дури 22 апартмани се веќе купени од страна на холандски државјани, претежно пензионери. Апартманите се големи од 70 до 140 метри квадратни, а метар квадратен чини околу 1.500 евра. Интересно е што токму тие најголемите апартмани први се продадоа,“ вели Никола.

Ја прашуваме Марисца, како одеше вкупната процедура сврзана со инвестицијата? „Се одеше во ред при издавањето на лиценците, дозволите за работа, планската документација и сѐ друго. Посебно сум среќна кога ќе го видам татко ми кој во Холандија одвај се движи, а кога ќе дојде во Охрид како да се подмладува. Очигледно климата посебно ни е погодена, езерото го доживуваме како воздушна бања. Овде конечно можеме релаксирано да уживаме во глетката со чашка македонска жолта лозова ракија, велат била добра за циркулацијата на крвта и срцето.“

Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Во Охрид треба да се гради плански и да се согледа реалната побарувачка на становиФотографија: DW/A. Dimitriveska

Холанѓаните планираат животот да го продолжат во Пештани

Жерард ван Диен и неговата сопруга Маријана деновиве купија апартман. Маријана за Македонија слушнала уште пред 30 години. Многу сакала да ја посетат земјата, но не дошле. Сонот и се остварил: „Размислувавме каде да инвестираме во втор дом надвор од Холандија. Гледавме понуди во Турција и Шпанија и случајно на слика ги видовме апартманите во Пештани. Изгледаа убаво, дојдовме и купивме. Фасцинирани сме од езерото, местоположбата и гостопримството на луѓето.Така Пештани и Охрид ја победија конкуренцијата.“

Купиле мебел, кујна и го планирале следното доаѓање. Најверојатно со децата за празници. „Многу сакаме да го запознаат ова место. Кога ќе се пензионираме постои можност трајно да се преселиме тука“, признава Жерар.

Холанѓанката Моника Круисен има апартман во комплексот и со нетрпение очекува да се всели во него: „Задоволна сум што се работи по европски стандарди и што сите материјали во градбата и до најситните се македонски квалитетни производи“. Марисца и нејзините најблиска соработничка Валентина Танеска од Пештани се решени: „Продолжуваме со градба на уште еден објект со нови 46 апартмани.“

Цените стабилизирани, а продажбата во благ пораст

По кризата од близу две години пазарот на недвижности во Охрид е во благ пораст. Анализите од неколкуте етаблирани агенции покажуваат дека побарувачката на станови и имоти пак расте, а цените по квадрат се стабилизирани. Во зависност од локацијата и староста на градбата се движат од 650 до 1.300 евра. „Странците веќе бараат нови локации за да градат. Доаѓаат инвеститори од Шпанија, Швајцарија и Русија. Од таа причина, како агенции за недвижности јавно побаравме од локалната власт да ни даде реална слика што во моментов е државно, а што приватно земјиште, особено на источното крајбрежје од месноста Горица, па сѐ до Свети Наум. Има интерес и за развој на селскиот туризам и за градба на потегот кон Струга. Потребна ни е комплетна понуда со урбанистички планови и со јасна намена на просторот за да се избегне евентуалниот хаос при градењето. Апелираме да се гради плански и да се согледа реалната побарувачка на станови,“ заклучува Никола Иванчиќ.