1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на патеката на старата слава

Златко Калински21 мај 2012

Пред една година ФК Вардар беше во колапс. Најславниот македонски клуб по административен пат остана прволигаш, а за клупската беда се покрижи градот. Вардар деновиве ја слави титулата!

https://p.dw.com/p/14zEr
Фотографија: Fotolia/Val Thoermer

По скоро една деценија, Вардар ја слави 6-та титула во периодот од осамостојувањето на Македонија, иако првенството се‘уште не е завршено. Се врати насмевката на лицата на луѓето, кои му припаѓаат на вардаровото време сегашно. Една од главните карики на успехот е тренерот Илчо Георгиевски, за кого Вардар е сега онаму, каде што му е местото:

„Знаејки ги сите случувања кои што беа минатото лето, оваа сезона навистина направивме подвиг.“

Очекувано ли беше за стратегот на Вардар, дека со толкава бодовна разлика ќе стигне на целта:

„Како одминуваше времето, од натпревар во натпревар игравме се‘ подобро. Екипата се уигра добро. Направивме хомоген тим, кој што знаеше како да се носи со притисокот што Вардар го носеше со себе и сето тоа на крај излезе добро.“

Силата во колективот

Што беше тоа, што го направи Вардар, да стане суверен лидер во македонското првенство? Каде беше најсилен? Георгиевски е категоричен:

FC Vardar aus Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

„Нашата сила беше во колективот. Јас и натаму тврдам дека тим може да се направи доколку индивидуалниот квалитет се стави во функција на тимот. Тоа се случи во оваа измината сезона и сето тоа донесе успех.“

Пред Вардар е следниот, добро препознатлив предизвик. Се отвора вратата на Европа. Со какви сили ќе биде излегувањето на престижниот меѓународен полигон?

„Очекувањата не можат и не смеат да бидат преголеми. Сигурно дека ќе се обидеме да донесеме играчи кои што со својот квалитет би го подигнале нивото на Вардар и би го направиле поконкурентен во европски рамки. Колку ќе успееме во тоа ќе видиме во наредниот период. Тешко е да се донесат квалитетни странци, бидејќи Македонија нема рејтинг за да привлече такви квалитетни играчи.

Одење напред, чекор по чекор

Каде е Вардар во моментов, организационо, финансиски, инфраструктурно, на тој пат на враќање на старата клупска слава? Колку во моментов може да биде конкурентен барем во поширокото фудбалско опкружување:

„Треба да одиме чекор по чекор, да не се залетуваме, да газиме цврсто на земја, да знаеме што сакаме. Почнувајќи од инфраструктура и од формирање тим. Тим не се формира преку ноќ, кој што би бил конкурентен во регионов. Знаме дека сите клубови, почнувајќи од ЦСКА, па до Партизан и Динамо се моќни клубови кои што имаат реноме, традиција и буџети од 8 милиони, па до 25 и 30 милиони евра годишно. Се‘уште сме далеку, но треба да одиме чекор по чекор и само напред!“

За Илчо Георгиевски во моментов е најважно, што е постигната добра клупска атмосфера, што се враќа и довербата кај навивачите, а со завршување на теренот и играњето на Филип Втори арената, Вардар стрпливо ќе му се приближува на некогашниот препознатлив амбиент.