1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање кон „алатките“ на Студената војна

Алоис Бергер/ Жана Ацеска19 март 2014

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер инсистира на што поскора мисија на ОБСЕ во Украина-по две недели може да е предоцна. Но, што и колку може да постигне мисија на ОБСЕ?

https://p.dw.com/p/1BSBL
Фотографија: AFP/Getty Images

Уште од почетокот на неделава германските и американските војници во рамките на мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, вршат извидувачки авионски летови над Русија и Белорусија. Нивната цел е набљудување на движењето на руските и белоруските трупи и нивно евентуелно преместување на границата кон Украина. Истовремено вчера (18.03.2014) 12-члена делегација на ОБСЕ замина во источна Украина за да ја испита положбата на малцинствата и состојбата со човековите права. Утре пак соработниците на ОБСЕ почнуваат со подготовките за следење на претседателските избори во Украина на 25. мај.

„За многумина ова изгледа збунувачки“, признава Томас Ример од бирото на ОБСЕ за демократија и човекови права во Варшава. Зашто, ова нема врска со мисијата на ОБСЕ, на која инсистира шефот на германската дипломатија.

ОБСЕ моментно е присутна на повеќе места во Украина. Тоа се должи на фактот што Организацијата моментно е единствената која во Украина може да се ангажира барем половично, а во која се застапени сите засегнати страни во Украина. Русија ги одбива НАТО и ЕУ како пристрасни, а ОН се практично блокирани поради руското вето во Советот за безбедност. Освен тоа, ОБСЕ уште од времето на Студената војна има зачувано редица правила и инструменти кои сега ненадејно се повторно корисни.

Реликти на мерките за градење доверба

Посебно се значајни првенствено мерките за контрола на вооружувањето и меѓусебното градење доверба, со чија помош до распадот на Советскиот сојуз беше постигнуван баланс меѓу блоковите: Русија на пример треба да дозволи извидувачки летови. Москва отсекогаш ја поддржуваше меѓусебната контрола, на која се обврза и преку „Договор за отворено небо“ од 1992. година. Договорите на ОБСЕ за контрола на вооружувањето за руската влада беа важен доказ дека таа и натаму важи за голема сила. Москва од таа причина постојано соработуваше на обновувањена договорите на ОБСЕ, последно преку Виенскиот документ, меѓународен договор од 2011. година.

OSZE Beobachter an der Krim abgewiesen
ОБСЕ не доби пристап на КримФотографија: Alexander Nemenov/AFP/Getty Images

Русија од почетокот на украинскиот конфликт дозволи без протести низа инспекции на нејзините граници во рамките на мисијата на ОБСЕ, но меѓутоа нивниот број е ограничен. Ако Западот продолжи со истото темпо, многу брзо ќе го исцрпи контингентот за 2014. година.

Путин уште не знае што сака

Тоа е една од причините поради која германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер инсистира на поголема набљудувачка мисија на ОБСЕ во источна и јужна Украина, каде живее голем број граѓани со руско потекло и понаклонето кон Москва отколку кон Киев. На Запад постојат стравувања дека Путин може и да подготви слично сценарио како за Крим.

„Путин уште нема цврсто одлучено до каде сака да оди, тоа ќе зависи од силината на реакциите“, вели европратеникот Михаел Галер.

Со голема и брза мисија на ОБСЕ, според Галер, можеби се‘ уште може навремено да се смири веќе лесно зовриената ситуација на пример во областа на Доњецк. „По една или две недели може да биде доцна“, смета германскиот министер Штајнмаер.

Меѓународното присуство како превентивно средство

Според предлогот на швајцарскиот амбасадор Тим Гулдиман, во источна Украина би требало да бидат испратени околу 100 цивилни и воени набљудувачи на половина година, кои во прво време треба да ја „снимат“ фактичката ситуација на терен. Дотолку поважно, што таму постојат многу гласини од двете страни, а самото присуствона меѓународни набљудувачи може да ја смири ситуацијата.

Проблем е што ваква голема мисија, која не е покриена со мандатот на контрола на вооружувањето, треба да ја одобрат сите 57 членки на ОБСЕ, исто и Русија. Во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел Путин во основа даде согласност. Но, колку набљудувачи навистина тој би дозволил да влезат во Русија, на колку време и со каков мандат, не се изјаснил конкретно. Ако Русија вложи ветона испраќањето сто набљудувачи на ОБСЕ, може да го подгрее сомнежот дека Путин не е задоволен само со добивањето на Крим, дека има фрлено око и на источна Украина. Западот тогаш тешко ќе успее без построги санкции против Русија.