Во Њујорк средба Иванов – Бан Ки Мун
26 септември 2012Се очекува главна тема на разговорите да биде процесот на разрешување на проблемот со името. На средбата, претседателот Иванов ќе побара цврста заложба за реактуелизирање и заживување на процесот на разговорите, за што поскоро решавање на дведеценискиот спор и деблокирање на евро-атлантската иднина на Македонија, за што свој личен ангажман најави и генералниот секретар Бан при неговата посета на Македонија во јули годинава.
Од кабинетот на претседателот Иванов најавуваат дека на средбата акцентот ќе се стави на конструктивната позиција на Македонија во разговорите, како и на македонската посветеност за придвижување на дијалогот. Македонија очекува разговорите да се водат во рамката на резолуциите на Обединетите нации, без навлегување во идентитетските одредници.
Претседателот Иванов, најавуваат од кабинетот, ќе побара од генералниот секретар да се заложи за почитување на меѓународно преземените обврски и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Особено што годинашното Генерално собрание на ОН започна со конференција за владеење на правото, на која членките на Свестката организација усвоија декларација со која се повикува на почитување на пресудите на МСП.
Во своето обраќање на конференцијата за владеење на правото, голем број државници, предводени од генералниот секретар Бан, се заложија за почитување на пресудите на Меѓународниот суд на правдата.
Утре шефот на македонската држава се среќава со посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц и ќе има обраќање пред Генералното собрание.