Во Хрватска ништо ново
12 септември 2016Додека Хрватската демократска заедница, ХДЗ слави, на социјалните мрежи левоориентираните бирачи порачуваат дека е време за напуштање на земјата. Уште од објавувањето на првичните анкети стана јасно дека :во Хрватска ќе следува уште едно макотрпно составување влада.
Неофицијалните резултати покажуваат дека ХДЗ, овојпат самостојно, е релативен победник со 61 мандат, следи Народната коалиција која ја предводи Социјалдемократската партија СДП со 54 мандати, Мост има 13, додека изненадување на изборите е Жив ѕид со дури 8 пратенички места.
Раководството на ХДЗ непроменето, гласачите исти
Во својот победнички, но воздржан говор, новиот претседател на ХДЗ Андреј Пленковиќ најави нов правец во политиката, повикувајќи се на препораките од Жозеп Дол, Дорис Пак, Манфред Вебер и Елмар Брок. Политиката на новата влада, како што рече, овојпат стабилна, ќе биде проевропска. „Утре (12 јуни) ќе одржиме Национален совет, ќе разговараме со партнерите и ќе создадеме платформа за постизборни разговори“, вака Пленковиќ го најави почетокот на отворањето на политичкиот пазар на кој, според досега виденото, не треба да се очекува премногу принципиелност. Оние кои веруваат дека проевропскиот Пленковиќ успеа за два месеца да ја подигне партијата која Томислав Карамарко ја остави зад себе во урнатини, а гласачите ги сврте кон теми за иднината, треба да се замислат над податоците за преференцијалното гласање. Така, директно од бирачката база великодушно се наградени политичари кои кренаа многу прашина, на пример Златко Хасанбеговиќ, министер за култура против кого се бунтуваше голем дел од културната сцена, а е обвинуван за антифашизам; Стево Чулеј кој претставникот на ромската заедница го нарече „српски Циган и бивш офицер на ЈНА“, како и Миро Ковач, шеф на дипломатијата кој голем дел од својата популарност и‘ должи на размената на вербален оган со владејачките српски политичари.
Останува ли Миленковиќ на чело на СДП?
Додека Пленкововиќ ќе има полни раце работа при дисциплинирањето на не многу проевропски расположените пратеници, пред шефот на Народната коалиција, Зоран Милановиќ од СДП претстојат денови за размислување околу неговата политичка иднина. Јасно е дека сам не може да сноси одговорност за доживеаниот пораз, со оглед што во изборите влезе опколен од партиски угледни луѓе кои му дадоа безрезервна поддршка. Но, токму во нив многумина партиски членови гледаат потрошен кадар чие преживување зависи исклучиво од партискиот лидер. Милановиќ упатува порака дека секој треба да ја заузда својата амбиција и да се стави на располагање на Хрватска, што може да се толкува и како порака до сопереникот Пленковиќ дека е подготвен за составување голема коалиција, посебно од аспект на претпоставките дека претставниците од Хрватската селска партија ХСС од јатото на Народната коалиција ќе преминат во таборот на ХДЗ. Шефот на ХСС Крешо Бељак ја отфрла таа можност, па е сосем извесно дека Милановиќ уште еднаш ќе се обиде да го „купи“ Мост, кој веќе еднаш го изигра во преговорите за составување на минатата неуспешна влада.
Жив ѕид сепак не пропадна
Шефот на Мост Божо Петровиќ, пак, на водечките блокови им дава рок од пет дена за изјаснување околу поставените услови. 12-те освоени мандати можат да се сметаат како потврда на минатогодишниот изборен успех, иако тогаш беа освоени дури 19 пратенички места, од кои седум потоа се осипаа.
Некогаш анархистичкиот Жив ѕид во изминатите девет месеци стана попристоен во својата политичка комуникација, па во Саборот ќе заземе дури 8 пратенички места. Иако од Жив ѕид најавуваат дека нема да се „продадат“ и нема да коалицираат со партиите кои ја „упропастија Хрватска“, станува збор за друштво со многу невоедначени апетити и непредвидлива внатрешна динамика. Што ќе им понудат СДП и ХДЗ треба допрва да се види.
И претседателката ги кршеше правилата
Овие избори беа во знакот на апатија и мала излезност на бирачите од само 52 проценти. Тие ќе се паметат и по претседателката Колинда Грабар Китаровиќ, која на гласачко место го фотографирала со мобилен телефон своето гласачко ливче, иако Државната изборна комисија претходно предупреди дека е тоа спротивно на правилата.
Во овие моменти почнува и официјално ловот за обезбедување мнозинство, 76 пратенички места кои веројатно ќе му обезбедат премиерска функција на Андреј Пленковиќ. Но, со оглед на досега видената превртливост на Мост и политичката посебност на Жив ѕид, и натаму се можни изненадувања.