Во сенката на Арафат
15 ноември 2014Тоа беше погребна поворка на која не и’ се гледаше крајот. Шест мажи го носеа ковчегот украсен со палестинско знаме. Ги следеа десетици илјади луѓе, плачејќи за починатиот Јасер Арафат. Шефот на Палестинските автономни региони, иако е погребан во Рамала, а не во палестинскиот бегалски камп во јужен Либан, каде се собраа натажените, тагата поради смртта на Арафат беше толку голема што големата група луѓе до гробот носеше еден празен ковчег. Бегалците за последен пат сакаа да бидат блиску до својот идол, барем во мислите, ако не можеа назад во татковината. Оттогаш поминаа 10 години.
Арафат - носител на надеж
Токму за палестинските бегалци Арафат, кој почина на 11. ноември 2004. година во една париска воена болница и ден подоцна беше погребан на палестинска почва, беше носител на надеж. Бидејќи, тој носител на надеж, терорист и политичар, во јавноста секогаш од почеток зборуваше за судбината на палестинските бегалци. Арафат сакаше независна палестинска држава и за неа се бореше со сите сретства. Како лидер на „Движењето за ослободување на Палестина“ (Ал-Фатах), кое подоцна беше срцето на Палестинската ослободителска организација (ПЛО), тој беше соодговорен за бројни напади врз израелски, јордански и либански цели.
Дури во 1990. година, кога Арафат беше политички изолиран, беше подготвен за мировни преговори со Израел.
„Долго време изгледаше дека потписот под принципиелното соопштение кое го навести мировниот процес во Осло, ќе има важност за историскиот учинок на Арафат“, вели Мартин Бек, професор за блискоисточни студии на Универзитетот Саутерн Денмарк.
Од денешна перспектива тоа е сепак под знак прашалник: „Начинот на кој дојде до принципиелното соопштение и неговата содржина беа исклучително проблематични. Арафат се впушти во асиметричен мировен процес поради чиј долготраен неуспех Палестинците и денес страдаат.“
Харизматичен лидер
По неуспешните мировни преговори во 2000. година - покрај останатото и поради тоа што во Израел јакнеа противниците на договорот и откако радикалните Палестинци извршуваа зачестени напади - Арафат трпеше и ја поддржуваше втората интифада - вооружено востание против Израел. Една од причините беше и тоа што се’ посериозна конкуренција му претставуваше Хамас кој произлезе од палестинското Муслиманско братство, иако Арафат сѐ до својата смрт остана неоспорен како харизматичен лидер на Палестинците.
Неговиот наследник Махмуд Абас се дистанцираше од доцниот курс на конфронтација на Арафат. За разлика од Арафат, кој постојано носеше униформа и бело-црн шал на главата, Абас себеси се гледаше како мислител и прагматичар кој со мали чекори и преговори сака да стигне до создавање на палестинска држава. Ставот за насилен отпор на Палестинците не доведе до никакви резултати, освен ѕид на изолација и меѓународен презир. Тоа е причината поради која новинарот Торстен Шмиц во еден текст во весникот „Зуддојче цајтунг“ (08.11.2004.) во Абас виде „идеална пличност“ за „критичното транзициско време“ во кое палестинското општество може да се прости со својот татко и да се подготви за време без интифада.“
Политички ќорсокак
Но 10 години по стапувањето на должност Абас изгледа се наоѓа во истиот ќорсокак како и неговиот харзматичен претходник, иако, за волја на вистината, меѓу Палестинците не стекна ист углед. Од тоа произлегува и фактот дека Хамас му претставува сериозна конкуренција иако со својот бескомпромисен курс против Израел всушност не поситигна речиси ништо, но сепак го контролира Појасот Газа.
Со тоа Хамас за Абасовата ПЛО, кој го има главниот збор на Западниот брег, претставува конкуренција.
Условите за живот на Палестинците во последните 10 години не се подобрија, напротив. Многу неправилности поради кои илјадници Палестинци во 2000. година излегоа на барикадите и денес постојат или ги има дури и повеќе. Така Израел и понатаму без пречки гради свои населби на Западниот брег. Појасот Газа, кој Израел го блокира, денес е херметички изолиран и нема економска перспектива.
Критика на сметка на Абас
Покрај тоа, тука е и фактот дека многу Палестинци ја критикуваат соработката на Автономните области со окупаторската сила. „Во однос на Појасот Газа, луѓето на Западниот брег, навистина, материјално профитираат, а подобра е и безбедносната состојба“, вели експертот за палестинското прашање Бек. „Луѓето на Западниот брег плаќаат во повеќекратна смисла и висока цена, бидејќи им изгледа дека Абас фактички се помирил со омразената окупација.“ Создавањето влада на национално единство, за која во април се договорија Фатах и исламистички Хамас, исто така предизвикува критика. Напредок речиси и не се гледа, а на најавените парламентарни избори се’ уште се чека.
Колку умерениот Абас е омилен кај западните политичари, толку е неомилен кај поголемиот дел од палестинското население кое се’ помалку им верува на своите политичари. Многу Палестинци се жалат на пасивноста на Абас кога станува збор за израелската политика во Газа и на Западниот брег. Многумина веќе и не сакаат да слушнат ништо за ненасилен отпор со оглед на тоа дека израелските сили за безбедност поради најновите тензии ја зголемија репресијата врз Палестинците. 10 години по смртта на Јасер Арафат многу Палестинци посакуваат еден неспорен лидер кој ќе им влее надеж за создавање на сопствена држава. Бидејќи, таа на Палестинците најмногу им недостига.