Во очекување на одмаздничкиот одговор на Израел
1 јули 2014Малку познатата исламистичка група „Ансар ас- Давла ал исламија“ (Приврзаници на исламската држава), ја презеде денеска одговорноста за грабнувањето и убиството на тројцата израелски тинејџери, чии тела вчера беа најдени на Западниот Брег, по 18 дена потрага.
Групата воедно се закани со масакр врз Палестинската управа на палестинскиот претседател Махмуд Абас, јави палестинската агенција Маан.
Овој потег само уште повеќе ја искпомпликува ситуацијата на Западниот Брег, каде Израел од самиот почеток за грабнувањето го обвинува Хамас, додека во оваа радикално-исламистичка организација ја демантираат вмешаноста.
Израелската војска соопшти дека изминатата ноќ извела 34 напади врз цели во Појасот Газа, наведувајќи дека била гаѓана терористичката инфраструктура.
Неколку часа пред нападот во местото Халхул, недалеку од Хеброн, се пронајдени телата на три израелски момчиња. Станува збор за момчиња кои исчезнаа на 12. јуни. Момчињата по се’ судејќи се убиени веднаш по киднапирањето. Израел оговорноста ја префрли на движењето Хамас и во голема акција уапси 420 Палестинци, главно членови на Хамас. Војниците во акцијата некогаш се однесувале и многу брутално. „Едноставно ја скршија вратата и ја уништија кујната“, вели една Палестинка чии што стан го пребарала израелската војска. Во конфликтите за време на израелската операција се убиени пет Палестинци додека голем број се ранети.
Израелското радио ноќеска јави дека во подрачјето, северно од Хеброн, е зголемено присуството на војска. Истиот извор наведува дека дошло до размена на оган со Палестинците. До вооружени конфликти дошло во подрачјето на Халхул. Агенциите јавуваат дека Хеброн е целосно опколен. Очевидците наведоа оти израелската војска ноќеска во Хеброн кренала во воздух куќи на две осомничени лица.
Нетанјаху: „Животни во човечки облик“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во реакцијата, по објавувањето на веста дека се пронајдени телата на исчезнатите момчиња, рече дека „момчињата ги киднапирале и ладнокрвно ги убиле животни во човечки облик“, „Хамас е одговорен и за тоа ќе плати“, рече Нетанјаху. Нов состанок е закажан за денеска (1.7.) по погребот на убиените момчиња, јави дневниот весник „Хаарец“. Палестинскиот претседател Махмуд Абас, по пронаоѓањето на телата на момчињата, за денеска најави одржување на вонреден состанок на палестинското водство.
Заменикот на израелскиот министер Дени Данон одговорноста за убиството на трите момчиња ја префрли на радикалното исламистичко палестинско движење. „Израел никогаш нема да запре додека Хамас комплетно не биде победен“, рече Данон. Тој исто така додаде дека „Израел има неоходна волја и решителност да го издржи товарот на долготрајната операција на искоренување на Хамас.“ Хамас, кој негира каква било вмешаност во убиствата, се закани дека израелската офанзива за Израел би била „отворање на вратата на пеколот“.
Потресеност ширум светот
Американскиот претседател Барак Обама убиството на момчињата го оцени како бесмислено, но и предупреди на можноста за понатамошна дестабилизација. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун се изјасни слично. Тој се надева дека Израелците и Палестинците „заедно ќе работат на пронаоѓање на одговорните и нивно изведување пред суд“. Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека се работи за „дело кое го презира и за кое нема оправдување“. Меркел исто така изрази сочуство на семејставата и пријателите на тројцата убиени момчиња.
Францускиот претседател Франсоа Оланд го осуди „кукавичкото убиство“ и побара од сите страни да спречат натамошна ескалација. Британскиот премиер Дејвид Камерон рече дека се работи за „непростливо дело“. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, кој денеска во Берлин ќе разговара со израелскиот колега Авидгор Либерман , рече дека е „длабоко вознемирен“ поради убиството на момчињата.