Во овие градови е задоволство да се вози велосипед
Возењето велосипед е здраво, еколошки и финансиски е поволен начин на превоз. Многу метрополи во Европа трошат милиони евра за да се обезбеди поголема заштита на животната средина. Еве каде концептите се особено успешни:
Копенхаген
Во главниот град на Данска има велосипедски патеки во должина од 350 километри, систем на семафори кој им дава приоритет на велосипедистите и на улиците има потпирачи за стапала кога велосипедистите мора да чекаат на црвено светло. Не е чудо што 62% од жителите до работното место се превезуваат со велосипед. За преобразбата во велосипедски град во англискиот веќе е одомаќен зборот „copenhagenize“.
Амстердам
Како Копенхаген во Данска, така и холандскиот град Амстердам е дел од најеколошките градови во Европа. Велосипедистите во Амстердам дневно минуваат по околу два милиони километри. Земјата е омилена меѓу велосипедистите, затоа што е многу рамна. Така е и во Утрехт. Тука е направена најголемата велосипедска гаража, со 12.500 места. До 2020 година бројот на местата треба да се зголеми на 33.000.
Антверпен
Антверпен во Белгија е уверлив со своите безброј паркинг места за велосипеди и добра инфраструктура. И тука многу нешта се „копенхагенизирани“. Така, системот за изнајмување велосипеди треба да се прошири, а треба да се направат и проширени и заштитени велосипедски патеки долж пристаништето, како и три велосипедски и пешачки мостови. Она на што мора уште да се работи е густиот сообраќај на улиците
Париз
Градската управа во Париз консеквентно со години ја гради велосипедската мрежа. Во неделите дури се затвораат цели улици за автосообраќај. Меѓу велосипедистите многу едноставно може да се вмеша секој турист, затоа што насекаде има станици за изнајмување велосипеди. Истото важи и за Стразбур. Овој град, покрај Париз, е меѓу највелосипедските градови во Франција.
Малме
Шведскиот град Малме инвестира многу пари за да ја подобри вело-инфраструктурата. Има речиси 500 километри велосипедски патеки со системи за давање предност. За развој на велосипедскиот туризам има и ферибот за транспорт на велосипеди помеѓу Малме и Копенхаген. Исто така, постои и велосипедски хотел со своја работилница, велосипеди на изнајмување и паркинг места за велосипеди пред апартманите.
Трондхајм
Трондхајм во Норвешка е брдовит град. Помош на велосипедистите им пружа првиот лифт за велосипеди во светот. Лифтот транспортира по околу 300 велосипеди на час на височина од 130 метри, односно на ридот на којшто се наоѓа тврдината Кристијанстен. Долж една шина има плоча на која може да се стави десната нога. Оваа плоча потоа го турка возачот заедно со неговиот велосипед по ридот нагоре.
Минстер
Во германскиот град Минстер има повеќе велосипеди отколку број на жители. Оттука, не е чудо што Минстер е град во којшто има најмногу кражби на велосипеди во Германија. Сепак, тоа не е обесхрабрување за велосипедистите. Тие не се откажуваат од велосипедите, зашто градот нуди комфор: широки патеки, доволно паркинг места за велосипеди и - нема брда.
Барселона
Низ Барселона може да се вози со изнајмен велосипед уште од 2002-та. Во градот на располагање има 158 километри велосипедски патеки. За поголема безбедност во сообраќајот се грижи и органичувањето на брзината на 30 км на час во многу зони во градот. Велосипедска понуда има и за туристите - различни тематски велоспедски тури низ градот, до плажата или до знаменитостите од архитектот Антони Гауди.
Базел
Во Базел е рамно и растојанијата не се големи. Особено многу велосипеди на улиците има налето, за време на одржувањето на Slow Up, кога во различни градови на Швајцарија организаторите затвораат за автомобилски сообраќај околу 30 километри и таа рута им ја ставаат на располагање на велосипедистите. Долж рутата има богата програма, па возењето велосипед е сѐ друго, само не здодевно.