1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во копнените борби Израел наиде на добро подготвен Хезболах

Клеменс Ференкоте21 јули 2006

Израел дозволува хуманитарен коридор за Либан. Бегалци и во Израел: луѓе од северот ги напуштија своите домови од страв од ракетни напади

https://p.dw.com/p/Adzc
Израелската армија навлезе во Либан
Израелската армија навлезе во ЛибанФотографија: AP

Израел ја продолжува воената офанзива со ангажман и на копнени сили на либанска почва. Притоа, се чини дека понекаде наидува и на посериозен отпор од добро организираниот Хезболах. Копнената операција на либанска почва во непосредна близина на границата е со ограничени размери, се нагласува од страна на израелската армија, иако таму се водат жестоки борби со милициите на Хезболах.

Од армијата велат дека бункерите на противникот се добро замаскирани и можат да бидат откриени само од непосредна близина. Хезболах бил добро подготвен за ваков вид борби и во изминатите шест години од повлекувањето на израелските трупи од југот на Либан таму изградил многу разгранет систем од тунели. Армијата планира во наредните денови во пограничното подрачје да префрли повеќе пешадиски единици, иако се нагласува дека нема намера за трајно окупирање либанска територија.

Според официјални наводи, ракетирањето на градови на северот на Израел од страна на Хезболах значително попуштило – вчера се регистрирани 40 ракети, кои удрија претежно во ненаселени подрачја. Досегашното ракетирање предизвика бегалци и внатре во Израел – според проценките на властите меѓу 30 и 50 проценти од жителите на северниот дел на земјата привремено ги напуштиле своите домови за да побараат заштита на југот.

Израелската влада синоќа даде согласност за отворање хуманитарен коридор за испорака на помош за Либан - на молба на САД, како што нагласуваат израелските медиуми. По консултациите во безбедносниот кабинет, премиерот Ехуд Олмерт рече: „Ние не сме во конфликт со Либан, туку само со еден дел од неговото шиитско население“. Хуманитарна помош, како храна и лекови, ќе може директно да биде испорачувана со француски брод во либанското пристаниште Сидон.

Од почетокот на војната против Хезболах Израел заведе поморска и воздушна блокада, а уништи и многубројни патишта во Либан. Според зборовите на портпаролот на министерството за надворешни работи Марк Регев, Израел бил во контакт со странски влади, ОН и со хуманитарни организации, за да овозможи внесување хуманитарна помош за Либан. „Либанскиот народ не е наш непријател и ние немаме интерес таму да дојде до хуманитарна катастрофа“, нагласи Регев.