1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Азербејџан сѐ по старо, ОБСЕ критикува

ЖА/дв/дпа/ртре10 октомври 2013

Илсхам Алиев, автократскиот претседател на Азербејџан, останува на функцијата. Неговиот противкандидат на изборите освоил само малку гласови. Опозицијата се сомнева во резултатот, ОБСЕ има критики на изборите.

https://p.dw.com/p/19xUG
Фотографија: STR/AFP/Getty Images

Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, денеска ги критикуваше претседателските избори одржани во Азербејџан на 9 октомври, наведувајќи голем број проблеми како што се ограничување на слободата на изразување, собирање и здружување, што не овозможило еднакви услови за претседателските кандидати.

ОБСЕ во соопштението наведува дека изборната кампања минала со заплашување кандидати и гласачи, како и во рестриктивно медиусмко опкружување. Во извештајот, меѓу другото, се наведува дека се регистрирани голем број проблеми и на денот на гласањето, како и дека Азербејџан не ги исполнил во целост гаранциите дадени пред ОБСЕ за одржување на фер и демократски избори.

Изборната комисија вчера објави дека Алиев освоил 85 отсто од гласовите, а неговиот најдиректен ривал, Џамил Хасанли шест проценти.

Хасанли изјави дека не го признава изборниот резултат, зашто постоеле масовни манипулации при гласањето во целата земја. Според него, на гласачки места биле носени избирачи со автобуси, при што повеќепати гласале за Алиев. Државната изборна комисија ги отфрли обвинувањата, истакнувајќи дека на гласањето имало само провокации од страна на опозицијата, со цел да се врши попречување на текот на изборите.

Алиев владее со цврста рака со поранешната советска република веќе десет години, како наследник на неговиот татко Гејдар. Во 2009. година на спорен референдум во Азербејџан беше сменет уставот на земјата, по што Алиев може да биде неограничен број пати кандидат за претседател на земјата.