1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Австрија се знае кој што краде

2 декември 2010

Повеќе од 60% украдени автомобили и упади во куќи и станови одат на сметка на криминалци од источна Европа - се вели во студија на австриското МВР. Бандите од истокот меѓу себе ги делат и областите на дејствување.

https://p.dw.com/p/QNms
Фотографија: PA/dpa

На врвот на листата на австриското Министерство за внатрешни работи се наоѓаат бандите од Грузија, кои се најактивни и кои своите луѓе ги праќаат во земјите како баратели на азил. Стоката што ќе ја украдат најчесто ја праќаат во родната земја, но често и во Турција, или преку курири, кои се дел од „хиерархиската структура“, или едноставно преку пошта. Молдавците најчесто крадат постари автомобили, со кои потоа уште некое време „оперираат“ во Австрија, за по некое време, заедно со украдената стока, да ги транспортираат назад во Молдавија. Нивна специјалност се складишта и трговија на големо, додека во станбени објекти „оперираат“ многу ретко.

„Полјаците се специјализирани за бела техника и електронски уреди, но имаат и добро организирани структури кои вршат транспорт на украдените автомобили“, објаснува портпаролот на одделот за криминал во австриското МВР, Александар Мараковиц:

„Бандите од источноевропските земји, се чини, меѓу себе ги делат областите на дејствување, и ако може така да се каже, меѓусебно не се мешаат во работата. Оние кои крадат автомобили, не вршат упади во станови, оние кои вршат упади во казина, не упаѓаат во складишта. Во секој случај, тоа важи само за подобро организираните банди, кои меѓусебно се познаваат и комуницираат. Малите и слабо организирани групи, помалку или повеќе, делуваат спонтано, без поголеми претходни подготовки.“

Универзални крадци

Членовите на бандите од Унгарија, за кои се верувало дека се специјализирани за кражби на вредни метали како бакарот, биле фатени и за време на кражба во казина. Криминалците од Русија, исто така, не ги бираат областите на делување, а како посебно брутални важат крадците од Романија. Тие често не чекаат сопственикот да го напушти станот или куќата, туку делуваат „изненадно“ и речиси секогаш применуваат сила. Токму тоа минатата седмица го доживеа Мартин Ланг, од 20-тиот виенски округ, чија куќа се наоѓа на осамено место, на самиот влез од населбата.

Symbolbild: hacker stiehlt Daten aus EDV-Anlage Computerkriminalität
Фотографија: Bilderbox

„Тоа беше во раните утрински часови, некаде околу петнаесет минути до шест, кога некој силно затропа на вратата. Отворив и не ни сфатив што се случува, кога веќе несвесен лежев на подот. Се сеќевам само на големата метална шипка што ја држеше в рака еден од крадците“, прераскажува за овој немил настан Мартин Ланг, чија жена и деца за време на упадот, за среќа биле во посета на роднини.

Србите најмногу крадат - Босанците под будното око на полицијата

Што се однесува на крадците и бандите од просторот на поранешна Југославија, тие освен во куќи и станови, често вршат упади и во истакнати барови и кафулиња. Според информациите на австиското МВР, тие банди имаат широка мрежа на соработници кои „оперираат“ како дојавувачи и оперативци што даваат знак кога е време да се нападне - секогаш кога заклучуваат дека касите во кафулињата и баровите се полни повеќе од вообичаеното.

Kriminalität: Handschellen
Фотографија: dpa

„Тие банди за разлика од останатите подолго се задржуваат во земјата, а некои нивни дојавувачи тука се подолго време“, објаснува Мараковитс.

На прашањето дали поради визната либерализација за БиХ се преземени дополнителнии мерки на претпазливост, Мараковиц вели дека австриското МВР веќе долго време одлично соработува со министерствата во матичните земји на споменатите банди, меѓу кои и со надлежното министерство во БиХ.

„Информациите кои ги добивам од нив се драгоцени“, додава Мараковиц „и доколку од БиХ кон Австрија одеднаш се упатат голем број организирани банди, сигурен сум дека би биле навремено информирани за тоа“.

Од сите кражби во куќи и станови кои се сторени во Австрија во текот на 2010 година, дури 68 отсто ги сториле странци. Најголем број од тие кражби, дури 16 отсто, им се припишуваат на Србите.

Автор: Емир Нумановиќ / Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска