Водата се повлекува, но состојбата е критична
19 мај 2014По најсилните дождови во последните 120 години, по што следуваа драматични поплави, состојбата на Западниот Балкан полека се подобрува. Водостојот на многу реки веќе не се искачува и на некои места почна да опаѓа. Според првичните информации на властите во Босна и Херцеговина, животот го загубиле најмалку 27 лица, додека во Србија загинале 16 лица. Во Хрватска засега е пронајдена една жртва. Се очекува пораст на бројот на жртвите.
Само во севернобосанскиот град Добој спасувачките екипи пронајдоа 20 тела. Во градот на места водата е висока до четири метри. „Највисок приоритет сега има пронаоѓањето на жртвите“, изјави градоначалникот Обрен Петровиќ. Мора да се утврди колку луѓе загинаа во поплавите. „Ќе има многу мртви“.
По повеќе од два дена спасувачките екипи пристигнаа во босанскиот град Шамац. „Тоа е целосен пустош, од хеликоптер се гледа како море“, изјави градоначалникот Саво Миниќ за агенцијата Фена. Најмалку две лица загинале, а уште двајца се водат за исчезнати. Евакуацијата тече хаотично, критикуваше локалниот политичар.
Од Бјелина пристигнуваат информации и за ангажирање на голем број доброволци, кои пристигнале од сите краеви на Босна и Херцеговина.
„Ситауцијата е повеќе од тешка, ги повикуваме сите луѓе во голем број да дојдат овде, да помогнат и да ја одбранат цела Семберија“.
„Засега успеавме да ги одбраниме најзагрозените села околу Бјелина, доаѓаат луѓе од сите страни“, велат жителите од Семберија.
Посебно погоден Обреновац
Во соседна Србија состојбата во градовите Шабац, Митовица и Костолаќ е под контрола, соопштија спасувачките екипи. Најсилно погодениот град Обреновац, пред Белград, е сѐ уште поплавен. Според премиерот Александар Вучиќ, досега се откриени дванаесет тела. „Она што ни се случува се случува еднаш на илјада години, не на сто, туку на илајда“, рече Вучиќ.
И натаму е критична сосотојбата долж реката Сава, која тече на северот на Босна и западот на Србија. Десетици илјади луѓе во двете земји мораа да ги напуштат своите домови, 100.000 домаќинства останаа без струја.
Властите во Белград очекуваат поплави и во главниот град на Србија. Илјадници доброволци во текот на ноќта носеа вреќи со песок за да ги зајакнат бреговите. Таму Сава се влева во Дунав. „Белград е подготвен за поплавата“, рече градоначалникот Мали. Не само во Белград доброволци од други места им помагаат на спасувачките екипи во борбата со големите поплави.
Во меѓувреме, во погодените региони пристигнува странската помош, од регионот и од Европа во храна, вода, облека и лекови.
Дека несреќата го обедини регионот потврдуваат и најавите дека Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија би можеле заедно да аплицираат за помош од ЕУ за санирање на последиците од штетите настанати од поплавите, потврдено е за хрватските медиуми од страна на Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска.